Даскаловски дебитираше со триумф на клупата на Кожув

Боро Даскаловски имаше одлично деби на клупата на Кожув, откако новиот тренер на гевгеличани експресно ја крена екипата предводејќи ја до убедлива победа над Гостивар од 102-67. Даскаловски пред само неколку дена го презеде кормилото на Кожув по заминувањето на Алек Јончевски, а „шок-терапијата“ во овој случај беше успешна, па Кожув стигна до третата победа во десеттиот овосезонски натпревар.

Гостивар се наоѓа во криза во последно време, а лошиот тренд по минатонеделниот пораз од Академија ФМП продолжи со денешното катастрофално издание во Гевгелија. Кожув диктираше темпо од самиот почеток, домаќините ја добија првата четвртина со 26-17 и продолжија да доминираат до крајот на мечот. Сите дилеми околу победникот беа решени откако домашните кошаркари го добија третиот период со 32-16, по што последните десет минути беа само рутина за избраниците на Даскаловски.

Слејтер и Кришан со по 18 поени ги предводеа стрелците во победничкиот состав, додека Остен со 21 поен (шут од поле 10/11)  беше најдобар поединец во таборот на Гостивар.

Се вчитува...