Резултатското фијаско на Работнички од стартот на сезонава продолжи и на денешниот натпревар со Феникс, на кој „центарци“ загубија на домашен терен со резултат 79-87. Самарџиев никако не успева да го разбуди тимот од сонот во кој падна со катастрофалниот старт на сезоната, Работнички уште еднаш одигра потпросечно во одбраната, што на крајот се покажа пресудно за „центарци“ со наведнати глави да го напуштат теренот. Од друга страна, Феникс одигра одличен меч, кошаркарите на тренерот Дервишевиќ максимално ги искористија своите шанси и заслужено стигнаа до победата.
Работнички беше подобар противник во првиот дел, ја доби стартната четвртина со 26-20, а потоа во вториот период имаше и „плус осум“ (41-33). Феникс успеа да се консолидира, до крајот на полувремето да намали на 48-43, а потоа со извонредната трета четвртина (11-27) и го сврте резултатот во своја полза. Гостите имаа и „плус 15“ на пет минути до крајот, а Работнички последните знаци на живот ги покажа намалувајќи на само три поени разлика (75-78). При овој резултат Работнички имаше и напад, но Декоси почетнички ја „продаде“ топката, во следната акција и Стајиќ имаше загубена топка, што Феникс го искористи за повторно да се одлепи и заслужено да го добие овој натпревар.
Џонс со 20 поени беше најефикасен во таборот на Феникс, а одлично издание имаше и искусниот Бојан Трајковски, со трипл-дабл од 12 поени, 13 скокови и 10 асистенции. Кај Работнички најефикасни во катастрофалното издание беа Рикиќ со 21 и Ефремовски со 13 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА