Шкупи славеше на Чаир во дербито со Шкендија, прва победа за Седлоски на клупата на Работнички (ВИДЕО)

Шкупи ја доби големата дерби-пресметка против Шкендија во 17.коло во Првата македонска фудбалска лига, по што сега се зацврсти на лидерската позиција на табелата. Работнички ја победи АП Брера за прва победа на Гоце Седлоски на клупата на „романтичарите“, а Тиквеш испушти предност од 2-0 против шампионот Струга ТЛ во Кавадарци, на крај за пораз од 2-3.

Чаирчани заслужено дојдоа до победата на домашен терен благодарение на голот на Кристијан Трапановски во 38. минута од средбата.

Силекс ремизираше во Кратово (1-1) во Кратово благодарение на голот на Марко Ѓорѓиевски во 88. минута од натпреварот.

А, претходно, со циркус-погодок гостиварци дојдоа до предност од 0-1 во 13. минута благодарение на очајниот терен во Кратово. Топката при едно безопасно додавање меѓу дефанзивците на Силекс беше запрена од блатото пред шеснаесетникот на домашните, па Кехинде си доби „пенал-удар“ за лесен гол и водство на Гостивар од 0-1…

Тиквеш во Кавадарци имаше водство од 2-0 против Струга ТЛ по само 13 минути игра, но шампионот успеа да дојде до целосен пресврт за победа од 2-3.

Уште во 6. минута со автоголот на Згуро, Тиквеш дојде до предност од 1-0, а веќе во 13.минута и Ибиши зголеми на 2-0.


Сепак, најпрво Радески во 39. минута намали на 2-1, а истиот фудбалер во 43. минута израмни и на 2-2.


Во второто полувреме, кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Георгиевски во 82.минута постигна еврогол за конечна победа на стружани.

Во Штип, пак, Брегалница ремизираше со Воска Спорт (2-2) и покрај тоа што имаше водство и од 2-0. Во 7.минута прекрасен гол на Зоран Андонов за водство од 1-0, а во 16. минута Роналдо Вебстер по одличната топка од длабочина стрелаше за 2-0.


Но, Воска Спорт во последните секунди од првиот дел со голот на Олатунбосун успеа да ја ублажи предноста на домашните на 2-1. За да, охриѓани со голот на Трпески во 86. минута избегнат и пораз за конечни 2-2.

Гоце Седлоски во третиот свој натпревар како нов шеф на стручниот штаб на Работнички успеа да дојде и до првата победа. „Романтичарите“ по претходните реми и пораз, сега триумфираа со 1-0 против АП Брера во Скопје.

Стрелец на победничкиот гол за Работнички беше Ермедин Адем во 70. минута од средбата.

ПРВА ЛИГА – 17. КОЛО
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ВОСКА СПОРТ 2-2
Андонов 7′, Вебстер 16′ – Олатунбосун 45’+1, Трпески 86′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – АП БРЕРА 1-0
Адем 70′
Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА 1-0
Трапановски 38′
Кратово: СИЛЕКС – ГОСТИВАР 1-1
Ѓорѓиевски 88′ – Кехинде 13′
Кавадарци: ТИКВЕШ – СТРУГА ТЛ 2-3
Згуро 6′(аг), Ибиши 13′ – Радески 39′, 43′, Георгиевски 82′
ВЧЕРА
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР 0-1
Милосавиќ 35′

Се вчитува...