Одличен успех на македонските кикбоксери на „Балкан бест фајтерс“: 117 медали за Македонија од Јагодина (ФОТО)

Македонските кикбоксери освоија 117 медали од кои 32 златни, 34 сребрени и 51 бронзен на Меѓународниот турнир „Балкан бест фајтерс 2023“ во Јагодина, Србија.

Македонија е прогласена и за најуспешна земја учесник на турнир откако ги освои и двата пехари во генерален пласман, на ринг и на татами борбите.

Претседателот на КБМТФ, Дејан Митровски-Урко доби плакета за помош и организација на 8. Балкан бест фајтерс.

Митровски е задоволен од целокупниот резултат на сите натпреварувачи и цени дека овие меѓународни натпревари се добар показател да види до каде е подготвеноста на нашите млади натпреварувачи за далеку поквалитетните интернационални првенства.

„Задоволен сум навистина од натпреварувачите и постигнатиот успех. Мора да истакнам дека посебно сум горд што и мојот син Максим Митровски оди по моите стапки, целосно посветен на кик боксот. Во Јагодина забележа убедлива победа 3-0 во лоу кик, притоа противникот кој беше од Србија два пати праќајќи го во нокдаун. Ние како Кик-бокс Маи Таи федерација сме сериозна федерација која во континуитет носи голем број медали и признанија за нашата земја од интернационалната сцена. Може слободно да кажам дека кик-боксот е најтрофеен спорт во Македонија и е национален спорт број еден“ – вели Митровски.

На турнирот во Јагодина одлично се покажа еден од најдобрите македонски клубови, КБК Шампион со освоени четири златни, две сребрени и четири бронзени одликувања.

 

Се вчитува...