Денешното рочиште од судењето меѓу Динамо Загреб и Здравко Мамиќ како поранешна управа на хрватскиот првак донесе неочекуван пресврт, откако актуелното раководство реши по судски пат да ги бара парите што Мамиќ и неговите соработници наводно ги украле додека раководеле со клубот.
Мамиќ веќе неколку години е во бегство, се наоѓа во БиХ и ги коментира од таму случувањата во хрватскиот и регионалниот фудбал. Според изнесените докази, Здравко Мамиќ ја има оштетено клупската касан на Динамо за 7.311.316 евра. Најмногу од сите се бара од неговиот син Марио Мамиќ, кој наводно украл 11.437.082 евра од Динамо Загреб, додека екс-тренерот и екс-директорот Зоран Мамиќ ќе треба да врати „само“ 251.477 евра.
Обвинителството поднесе докази со кои покажа како Здравко Мамиќ успеал да формира „злосторничко здружение“, кое за цел имало да извлекува пари од Динамо Загреб и тие пари да ги враќа назад на семејството Мамиќ.
Во обвинителниот акт кој има речиси 700 страници, е наведено дека Здравко Мамиќ во периодот од 2004 до 2015 година преку ова злосторничко здружение го оштетил Динамо Загреб, со склопување и исплаќање на фиктивни договори со повеќе странски компании од Велика Британија, Швајцарија, Сент Висент и Гренадин, Белизе, Гибралтар…
Во описот на исплатите биле наведувани непостоечки услуги за трансфери на фудбалерите, кои клубот ги плаќал од својата сметка, а потоа биле враќани назад на личните сметки на Мамиќ и членовите на неговото најблиско семејство. Според обвинителството, станува збор за сума од вкупно 19,1 милиони евра, што сега Динамо по судски пат си ги бара назад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА