Клоп: Треба да си луд да го отпишеш Манчестер Сити од трката за титулата

Ливерпул стигна до нови бодови во трката за Премиер-лигата, останувајќи на „минус два“ во однос на лидерот Арсенал. Јирген Клоп мора да биде задоволен од прикажаното од неговиот тим во досегашниот дел од сезоната, но германскиот стратег е свесен дека вистинските предизвици допрва следат.

Тој најави дека борбата за шампионскиот трофеј ќе биде понеизвесно од било кога, порачувајќи дека шампионот Манчестер Сити се уште е меѓу главните кандидати за титулата иако „граѓаните“ заостануваат шест бода зад Арсенал и четири за Ливерпул.

„Мислам дека битката за титулата ќе се води до последното коло, би било прекрасно ако ние стигнеме до трофејот. Ќе видиме што ќе се случува, едно е сигурно, конкуренцијата е огромна. Манчестер Сити е во мала криза, но мора да си луд ако го отпишеш овој тим од трката за титулата, сите добро знаат за што е способен Сити во Премиер-лигата. Арсенал очигледно е кандидат, успеа да слави против Лутон како што ние триумфиравме над Фулам пред неколку дена. Можам да кажам дека уживавме во тие моменти по триумфот над Фулам, но не премногу долго бидејќи темпото е пеколно и веќе моравме да се подготвуваме за наредниот меч. Не би го опишал и Јунајтед од борбата за трофејот, исто како и Астон Вила, која игра извонредно сезонава“, прокоментира Јирген Клоп.

Во следното коло викендов Ливерпул му гостува на Кристал Палас, додека лидерот Арсенал ќе гостува на Астон Вила, тимот на Унаи Емери кој има стопроцентен ефект на натпреварите на „Вила Парк“ оваа сезона.

Се вчитува...