Јувентус стигна до огромни дерби-бодови откако „старата дама“ славеше во пресметката со шампионот Наполи со минимални 1-0. Дефанзивецот Гати како да се претплати да биде херој на Јуве, па откако го постигна голот за победа во финошот на гостувањето против Монца вечерва повторно беше стрелец на триумфалниот погодок за „црно-белите“ од Торино.
Наполи има за што да жали, ако се знае дека гостите ги имаа двете најубави шанси во првиот дел. Најпрвин Кварацкелија излезе очи в очи со Шчесни, но шутираше високо над голот, а само неколку минути подоцна капитенот Ди Лоренцо се најде во идеална позиција по една мешаница во шеснаесетникот, од пет-шест метри шутираше силно кон голот, но домашниот голман го одбрани неговиот удар.
Казната стигна на почетокот од вториот дел, кога Гати одлично се снајде по центаршутот на Камбијасо и го матираше голманот на Наполи. Елиф Елмас влезе во игра во 64. минута, но македонскиот репрезентативец не успеа да даде посериозен придонес за неговиот тим да се врати во натпреварот.
Наполи постигна гол по големата грешка во исфрлањето на топката на Шчесни, но истиот беше поништен со ВАР поради офсајд на Осимен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА