Седумкратниот светски шампион во Формула 1, возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, изјави дека дејствијата за покренување истрага против Сузи и Тот Волф се неприфатливи. Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) во четвртокот ја заврши истрагата за можен конфликт на интереси меѓу Сузи и Тото Волф.
Во нејзината улога во Формула 1, Сузи Волф е директорка на женската академија и директно му одговара на претседателот Стефано Доменикали. Нејзиниот сопруг Тото Волф е директор и косопственик на Формула 1 тимот на Мерцедес и спортски директор на Мерцедес.
Бизнис магазинот Формула 1 објави дека тимските шефови во Формула 1 се загрижени поради тоа што Сузи и Тото Волф споделуваат доверливи информации на нивните работодавци. Наводно, на една средба Волф кажал доверливи информации што може да ги добие само од сопругата.
Сите тимови неделава едногласно ги отфрлија тие тврдења и изјавија дека никој не побарал истрага. Хамилтон рече дека е разочарувачки што ФИА се обидела да го доведе во прашање интегритетот на една од „најневеројатните женски лидери што сме ги имале во нашиот спорт“, објави Би-Би-Си. Британскиот возач додаде дека ФИА тоа го направила „без истрага и без никакви докази“. Мерцедес соопшти дека ги разгледува сите законски опции, дека ги задржува сите законски права и сака целосна транспарентност за тоа што се случило и зошто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА