Највисоки победи на фудбалската репрезентација на Македонија: Лихтенштајн, Ерменија, Малта, Албанија…

Миодраг Мицковиќ

Во  изминатите 30 години, откако Фудбалската федерација на Македонија беше примена во полноправно членство во ФИФА И УЕФА репрезентацијата на Македонија има одиграно вкупно 280 официјални натпревари. Квалификациони за настап на  светските и европски првенства, во Лигата на нации и пријателски. Има играно и на Европското првенство 2020 година, гостувала на повеќе континенти… На овие 280 одиграни натпревари, репрезентацијата на Македонија има забележано  87 победи, 70 завршиле нерешено, на 123 била поразена. Интересно е да се напише дека гол разликата и покрај 123. порази е позитивна – 338:332.

Сакаме да ги потсетиме читателите на „Екипа“ кои беа највисоките победи и порази на овие 280 одиграни натпревари на фудбалската репрезентација на Македонија, повеќе можеби и заборавени, но има и некои кои со златни букви се запишани во историјата на македонскиот фудбал. Да почнеме со највисоката која сигурно не се заборава. Во Вадуз, на 9 ноември 1996 година, во квалификациите за светското првенство во Франција 1998 година, Македонија го победи Лихтенштајн со неверојатен  резултат 11:1 /6:0/.  Головите ги постигнаа Главевски 3, Стојковски, Т. Мицевски и Ќириќ по 2, Христов и В.Мицевски по 1.

Еве го тој состав што ја зебележа рекордната победа на Македонкија: Данчо Целевски, Гоце Седловски, Митко Стојковски /Саше Милошевски/, Љупчо Марковски, Игор Николовски, Срѓан Захариевски, Влатко Гошев, Тони Мицевски /Марјан Наумовски/, Ѓорѓи Христов, Саша Ќириќ, Дејви Главевски /В.Мицески/.

Интересно е да се напише дека во реваншот во Скопје Македонија го победи Лихтенштајн „само“ со 3:0 .Во оваа група во која Македонија беше четврта играа уште Романија, Исланд, Република Ирска и Литванија. Меѓутоа, победата на Македонија против Лихтенштајн /11:1/ не е рекордна во квалификациите за светското првенство. Во 1981 година репрезентацијата на Нов Зеланд ја победи селекцијата на Фиџи со 13:0, а во квалификациите за европското првенство  рекордот го држи Франција која минатиот месец го порази Гибралтар со 14:0. Рекордот на меѓународни пријателски средби и припаѓа на Англија по победата против Австралија со 17:0 во Сиднеј на 30 јуни 1951 година

Ереван ја запамети Македонија

Втора највисока победа и тоа во гости, Македонија ја забележа исто така во квалификациите за светското првенство во Катар 2022 година, против далеку посилен противник, Ерменија со 5:0 /2:0/ и тоа во Ереван на 11 ноември 2021 година. Головите ги постигнаа Барди 3, Трајковски и М.Ристевски.

Македонија играше во состав: Столе Димитриевски, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Езгјан Алиоски,Тихомир Костадинов, Јани Атанасов, Енис Барди, Елиф Елмас, Бојан Миоски, Дарко Чурлинов /Кире Ристевски/, Александар Трајковски /Стефан Спировски/, Милан Ристовски, Стефан Ашковски /Тодор Тодоровски/.

Покрај Ерменија во оваа наша група беа и Германија /победник/, Романија, Исланд и Лихтенштајн.

Двете највисоки победи на свој терен Македонија ги има постигнат на пријателските средби против Малта 5:0 на 21 август 2002 година во Скопје и против Албанија во Тетово- 5:1 на 14 мај 1994 година.

Головите на мечот со Малта ги постигнаа Шакири 2, Стојков , Пандев и Христов.

Македонија играше  во состав: П.Милошевски /Ј.Николовски/ Р.Петров /Панов/, Седловски /Васовски/, И.Николовски, И.Митревски, Р.Попов /П.Стојанов/, Ѓ.Христов/, Г.Толевски, Шакири, А.Стојков / Г.Пандев /, А.Митревски, Грнчаров /Шумуликовски/.

Интересен е составот на Македонија против Албанија во Тетово: К.Трајчев /З. Мицевски/ К. Грозданов /С. Станковски/, Д. Канатларовски /И. Боров/, М. Стојковски, Љ. Марковски, Ж. Серафимовски, Н. Мемеди, З. Бошкоски, Т. Мицевски /Мар.Стојковски/, В. Мицевски /Г. Петревски/

Головите ги постигнаа В. Мицевски 2, Мемеди, Мар.Стојковски и З. Бошковски

Прва победа и прва радост

Победата во Крањ против Словенија со 4:1 /2:0/  на 13 октомври 1993 година сигурно дека не е највисока на репрезентацијата на Македонија, но сите ја паметат бидејќи е забележана на нејзиниот прв меч на меѓународната сцена и стана историска откако нашата држава стана самостојна. Можеби некој нема да се согласи, но  мислам дека ова е  еден од најсилните состави што ја имаше нашата репрезентација во изминатите 30 години.

Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Илија Најдовски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски, Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Боби Бабунски, Тони Мицевски.

Играа уште: Неџмедин Мемеди, Ванчо Мицевски, Горан Геориевски и Петар Милошевски. Головите ги постигнаа Бошковски, прв историски гол на Македонија, Јаневски, Канатларовски и Панчев

Се вчитува...