Младите македонски интернационални судии, Игор Стојчевски и Јован Качевски, годинава на меѓународната сцена, ја оправдаа довербата што им ја укажа судиската организација на ФФМ, бидејќи успешно отсудеа повеќе натпревари во европските купови, на репрезентативно ниво и на квалификационите турнири за настап на европското и светското првенство за млади. Тоа не остана незабележано кај Судиската комисија на УЕФА затоа што и овој месец добија нови задачи. Игор Стојчевски ќе биде главен судија на 12 декември во Неапол на средбата меѓу Наполи и Брага во Лигата на европските шампиони за млади фудбалери до 19 години. Ќе му помагаат Слаѓан Марковски и Бранко Путилин. Во оваа група се и Реал Мадрид и Унион Берлин. На табелата води Реал Мадрид со 15, Наполи 7, Брага 4 и Унион Берлин 2 бода.
Јован Качевски ќе биде главен судија на северот на Европа, во Данска, на мечот меѓу Копенхаген и Галатасарај, што се игра на 12 декември, исто така во Лигата на европските шампиони за млади. Нему ќе му помагаат Куштрим Лика и Дамјан Василевски. Во оваа група се уште Баерн Минхен и Манчестер јунајтед. На табелата води Баерн Минхен со 13, Копенхаген и Галатасарај со 5 и Мачестер јунајтед со 4 бода.
Да напоменеме дека Игор Стојчевски во текот на ноември беше главен судија на мечевите во Букурешт меѓу Романија и Франција и Романија-Норвешка, додека Качевски го судеше натпреварот во Лоѓ меѓу Полска и Израел, играчи до 17 години во квалификациите за Европското првенство.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА