Неверојатните сцени на натпреварот од 15. коло на турската Суперлига помеѓу Анкарагуџу и Ризеспор ја шокираа јавноста ширум Европа.
На крајот од мечот, претседателот на Анкарагучу истрча на теренот и го удри судијата на натпреварот, кој падна на подот, каде буквално беше исфрлен од група навивачи кои исто така истрчаа на теренот. Поради ова Турскиот фудбалски сојуз одлучи да го прекине првенството на неопределено време, а тамошните медиуми носат нови информации за целиот инцидент.
Судијата Халил Умут Мелер по нападот заврши во болница, а неговата состојба ја соопшти началникот на болницата Мехмет Јорубулут.
„Поради претрпената траума, направивме слика од главата и стомакот и констатиравме дека нема повреди опасни по живот. Има крварење околу левото око, но поради повреди на главата изутрината е задржан во болница на дополнителни прегледи. На сите им посакуваме брзо закрепнување и среќни сме што ничиј живот не е во опасност“, изјави Јорубулут.
И претседателот на Анкарагучу Фарук Коџа беше задржан во болница поради висок крвен притисок, а потоа замина и во обвинителството каде му беше земена изјава.
„Инцидентот се случи поради погрешните одлуки на судијата и неговото провокативно однесување. Мојата цел беше да реагирам вербално, да го плукнам во лице, но ги загубив нервите и го удрив. Сепак, мојот удар не беше толку силен за да му нанесам фрактура“, објаснува Коџа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА