Лионел Меси останува спортска икона и пред крајот на кариерата, најдобар доказ за тоа доаѓа од Њујорк, каде беше организирана аукција за опрема на врвни спортисти, при што дел од понудата беа и дресовите што аргентинскиот генијалец ги ноеше за време на СП во Катар.
Меси беше капитен на Аргентина во походот кон титулата, а шест од дресовите кои Лео ги носеше во Катар беа продадени за неверојатни 7,8 милиони долари. Станува збор за дресовите со кои Меси играше во првото полувреме од финалето, потоа во полуфиналето, четвртфиналето, осминфиналето, како и дресови од два од трите меча на најдобриот аргентински фудбалер од групната фаза од СП 2022.
На продажба немаше само дрес од дуелот меѓу Аргентина и Австралија, бидејќи на крајот од тој натпревар Меси го размени дресот со противничкиот фудбалер Камерон Девлин.
„Дел од сумата што ја заработивме ќе биде донирана на „Уникас проект“ со кој раководи Детската болница „Сан Жоан“ во Барселона. Фондацијата Лео Меси продолжува да помага во борбата на децата со ретки болести“, се вели во соопштението на аукциската куќа „Сотеби“.
Најскап фудбалски дрес во историјата останува оној на Диего Армандо Марадона, во кој аргнетинската легенда го постигна голот со „божја рака“ против Англија, продаден за 7,1 милиони фунти во 2022 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

