Александар Јовиќ веќе еден месец е на чело на Тинекс Пролет, успевајќи да ја оствари зацртаната цел со пласманот на скопскиот суперлигаш во Топ 4 во својата група и учество во плејофот во вториот дел од сезоната.
Станува збор за македонска ракометна легенда, тој беше долгогодишен успешен репрезентативец на нашата земја, а по завршувањето на играчката почна и успешна тренерска кариера. Откако ланската сезона стигна и до шампионскиот трофеј со Е. Пелистер, Јовиќ по слабиот старт во ЛШ го напушти кормилото на првакот, а Тинекс Пролет реагираше експресно, успевајќи да го доведе овој одличен стратег на своето кормило, како предводник на еден долгорочен проект.
„Добро познато е дека си заминав од Пелистер поради слаби резултати во Лигата на Шампионите. Јас сум човек длабоко поврзан со ракометот, ми недостигаше спортот и немав сомнеж дека сакам експресно да се вратам. Во целата ситуација се поклопи Тинекс Пролет во тој период да го менува тренерот, можам да кажам дека брзо се договоривме. Значајна улога има директорот Сашо Огњеновски, со кого и претходно низ годините имаме разговарано на ракометни теми, можам да кажам дека имаме слични визии околу начинот на функционирање, па затоа и немавме многу проблеми да најдеме заеднички јазик. Јас сум среќен што сум овде и верувам дека со својата работа можам да дадам една додадена вредност на РК Тинекс Пролет. Исто така, благодарен сум што луѓето од Пролет ме препознаа како квалитетен тренер и оценија дека е добро Александар Јовиќ експресно да се врати на македонската ракометна сцена “, вели стратегот кој има сторено многу за македонскиот ракомет во последните години.
Новиот тренер е оптимист дека со напорна работа може да се напредува уште повеќе, пред се кога станува збор за младинските категории во тимот.
„Она што Тинекс Пролет претставува во македонскиот ракомет – тоа секако е еден од најстабилните клубови со години наназад. Можеби нема буџети и амбиции како тројката која се бори за шампионскиот трофеј, но Пролет секогаш важел за стабилен клуб што знае да им создаде проблеми на фаворитите. Она што јас секогаш сум велел – за да бидеш сериозен клуб, мора да имаш инфраструктура, а Пролет има на целосно користење своја сала, каде што ракометарите можат и дополнително да работат и да напредуваат. Тоа е особено важно за младите играчи и јас верувам дека можеме сериозен напредок да направиме во овој дел, да привлечеме млади и перспективни ракометари, тие да имаат услови за работа какви што заслужуваат и да напредуваат низ годините. Тогаш ќе кажам дека сме успеале – кога сите млади и талентирани играчи ќе сакаат да дојдат во Тинекс Пролет како клуб што е вистински чекор за нивните кариери“, истакнува Александар Јовиќ.
Во првите натпревари на кои поранешниот репрезентативец го водеше Тинекс Пролет беа очигледни и осцилации во играта, нешто што е очекувано со доаѓање на нов тренер на клупата.
„Она што беше главен проблем беа повредите на неколку стандардни ракометари. Тие на периоди не беа во тренажен процес, што го отежнуваше процесот на воигрување, но и на нивно издржување на напорите што ги носеа 60-минутните натпревари. Искрено сум задоволен од тимот што го имам на располагање, кој е добар склоп на младоста и на искуството. На моменти ростерот е лимитиран и тоа ќе се обидеме да го корегираме во наредниот период, но долгорочно гледано верувам дека сме на добар пат за уште поголем напредок во периодот што следи“, вели Јовиќ.
Екипата на Пролет се пласираше во плејофот, од февруари 2024 тимот ќе го очекуваат серија дуели со екипи кои ќе атакуваат на што повисок пласман.
„Јасно е дека борбата за титулата ќе се води меѓу Вардар, Алкалоид и Еурофарм Пелистер, овие клубови се над останатите со прикажаната игра во првиот дел од сезоната, но и со буџетите со кои располагаат. Тинекс Пролет поседува квалитет, како што реков има и доволно искусни играчи кои играле бројни вакви натпревари, што ми дава за право да се надевам на наши уште подобри изданија во периодот што следи. Она што сакаме да го направиме е да играме квалитетен, модерен ракомет и особено на домашен терен да бидеме тврд орев за сите противници, зошто да не и да се обидеме да ги замрсиме сметките на фаворитите за титулата. Верувам дека заеднички, со напорна работа тоа можеме да го оствариме во вториот дел од сезоната, па и подоцна во периодот што следи“, оптимист е Александар Јовиќ за иднината на РК Тинекс Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА