Работнички конечно почна да покажува знаци на живот, откако „центарци“ забележаа победи на последните две средби од Првата лига, надминувајќи ја кризата со која се соочуваа во последните два месеци.
Неочекуваниот домашен пораз од Феникс ја зголеми тензијата, па навивачите се погласно бараа одговорност, дури и решавајќи се да ги „постројат“ кошаркарите пред нивната трибина. Шок-терапијата вроди со плод, па „центарци“ под водство на новиот тренер Горан Самарџиев одиграа два одлични меча во последните десетина дена, убедливо славејќи на гостувањата против Гостивар (65-86) и против ТФТ (57-72).
„Мислам дека е нормално кога ќе дојде нов тренер, да е неопходно време за адаптација, играчите да се навикнат на она што јас го барам од нив на тренинзите и натпреварите, но и јас лично да се уверам во нивните квалитети за да знам што поточно можам да очекувам од секој од кошаркарите што ги имам во тимот. Зад нас беше тежок период, но со последните победи се враќаме на вистинскиот пат. Да се слави лесно во Гостивар, каде теренот е жежок без оглед на моментната сила на противникот, а потоа и да се задржи офанзивниот состав на ТФТ на само 57 постигнати поени, тоа се докази дека влегуваме во посакуваниот ритам. Победите ја враќаат самодовербата кај сите во клубот“, изјави Самарџиев за ЕКИПА.
„Центарци“ влегоа во сезоната како едни од главните фаворити за титулата, досега има скор 8-4 по неколкуте слаби изданија, но Самарџиев е оптимист кога станува збор за иднината на клубот и исполнувањето на амбициите – атак на трофеи во Купот на Македонија и во првенството.
„Пред нас е уште еден дуел, со Пелистер до крајот на оваа календарска година, а потоа по паузата ќе влеземе во нова серија тешки дуели. Секако дека верувам во нашиот тим, дека имаме сили за високи дострели и остварување на зацртаните цели. Во овој период многу ни недостигаше и Џелетовиќ, кој е клучен играч во тимот, а веќе подолг период е во аут поради повреда на прстот. Џелетовиќ би требало да биде „фит“ за продолжението на сезоната во јануари и сигурно ќе биде огромно засилување за нас. Верувам дека се движиме во вистински правец и допрва Работнички ќе заигра онака како што сите негови навивачи сакаат да го гледаат“, порачува Горан Самарџиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА