Во повеќе од драматичен натпревар за крај на првиот дел од сезоната во Суперлигата на Македонија, ракометарите на Алкалоид, иако со подмладени сили, сосема заслужено славеа на гостувањето против Тиквеш во Кавадарци со 23-25 (13-12) во последното 14. коло од првата фаза на домашниот шампионат.
Па, Алкалоид со максимални 14 победи од исто толку натпревари го заврши првиот дел од сезоната, патувајќи сега и максимално мотивирано кон плејофот во Суперлигата.
Во израмнет натпревар Тиквеш беше блиску до победата која ќе го донесеше до втората позиција во Групата А, но сами се победија домашните ракометари иако имаа и предност на две минути пред крајот на мечот.
Првиот дел Тиквеш го доби со предност од 13-12, а потоа во второто полувреме главно низ игра гол за гол, кавадарчани на две минути пред крајот имаа предност од 23-22. Но, со недозволиви грешки во нападот, дозволија ракометарите на Тиквеш лесни погодоци на гостите кои на 40 секунди до крајот со два едноподруго гола дојдоа до 23-24, а откако домашните го промашија и последниот напад голманот на Алкалоид, Трајковски во последната секунда со шут од гол на гол ги постави конечните 23-25.
На Тиквеш да дојде до посакуваната победа за второ место во групата не му помогна ниту извонредниот нигериски репрезентативец Ани Обина кој мечот го заврши со 12 постигнати гола.
Со оваа победа на Алкалоид „ќари“ и Охрид кој сега заврши на второто место во Групата А и во плејофот од Суперлигата ќе пренесе два бода, колку и Вардар 1961 од Групата А. По три бода во плејофот како првопласирани во групите пренесуваат Алкалоид и Е. Пелистер. Тиквеш и Бутел ќе пренесат по само еден бод, а без бодови, како четвртпласирани во групите по првата фаза, во плејофот одат Тинекс Пролет и Струга.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА