Јунајтед го „паркираше автобусот“ и освои еден бод на „Енфилд“

Ливерпул го загуби лидерското место во Премиер-лигата откако одигра само 0-0 на домашен терен против Манчестер Јунајтед, во дуел во кој избраниците на Јирген Клоп имаа апсолутна доминација на теренот, но не успеаја да го најдат патот до мрежата на Андре Онана. Тен Хаг пристигна со „паркиран автобус“ пред сопствениот гол и таквиот пристап му овозможи да освои еден бод, иако Јунајтед можеше лесно да стигне и до победата доколку Хојлунд ја искористеше стопроцентната шанса во второто полувреме.

Ливерпул тргна фуриозно од самиот почеток, создаде неколку убави ситуации, но одбраната на Јунајтед функционираше беспрекорно, затворајќи ги сите приодите кон сопствениот гол. Како што одминуваше времето, така Ливерпул се повеќе ја отвораше играта, оставајќи и многу простор на сопствената половина.

Тоа за малку ќе го искористеа гостите откако Хојлунд по еден контранапад излезе еден на еден со Алисон, но не успеа да го совлада противничкиот голман.

Јунајтед го заврши натпреварот со десет играчи откако Далот доби два жолти картони за триесетина секунди поради навреди кон судијата Оливер, но „црвените“ не го искористија ниту тој момент, па на крајот наместо со планираните три мораа да се задоволат само со еден бод.

Ливерпул сега се наоѓа на делба на второто место со Астон Вила, со еден бод заостанување зад Арсенал. „Црвените“ во следното коло на домашен терен го пречекуваат токму Арсенал.

Се вчитува...