Борко Ристовски: Битолчани ме разочараа, а кај репрезентацијата ми пречат две работи…

Борко Ристовски од почетокот на оваа сезона ја извршува улогата извршен директор на РК Вардар, а под водство на легендарниот голман „црвено-црните“ бележат одлични резултати, откако го освоија првото место во групата и пренесуваат максимални бодови во плејофот.

Долгогодишниот репрезентативец се осврна на новата улога и не ги крие високите амбиции на Вардар, по ланското трето место овој тим да се врати на тронот на македонскиот ракомет.

„Искрено, потешко е да се биде директор на ракометен клуб отколку што мислев, но тоа само го прави овој предизвик уште поголем. Прекрасно е чувството да сме први, особено откако многумина го отпишаа Вардар пред почетокот на сезоната, но на сите им покажавме дека со правилно менаџирање и избор на вистински играчи може да се стигне до одличен резултат. Сакаме да бидеме шампиони, тоа не е никаква тајна и искрено верувам дека можеме да стигнеме до титулата ако се води фер борба на терен. Сепак, и доколку не бидеме први на крајот од сезоната, тоа нема да биде крај на светот, најважно е што градиме стабилен клуб на здрави темели и верувам дека успесите на РК Вардар допрва ќе стигнуваат“, вели Борко Ристовски.

Во првиот дел од сезоната Вардар беше во иста група со Е. Пелистер, при што „црвено-црните“ беа подобри во двомечот со актуелниот првак, што им го донесе првото место во групата. Бурно беше пред вториот меч во Битола, кога Вардар поради болест на неколку првотимци побара одлагање, „пелистерци“ одбија, за на крајот „црвено-црните“ сепак да стигнат до резултат кој им го донесе првото место.

„Гарантирам дека ако беше спротивна ситуација, ние ќе им излезевме во пресрет и мечот ќе се играше во друг термин. Ако веќе прокламираме пријателство меѓу клубовите и ферплеј, тоа требаше да биде испочитувано, но не би навлагал во причините зошто донесоа таква одлука каква што донесоа. Дали ако сега тие побараат одлагање Вардар би прифатил? Јас сум човек што сака да излезе во пресрет, но и човек кој добро памети како другите се однесувале кон него. Битолчани ме разочараа и со односот за време на мечот таму, со најави преку некакви соопштенија за можни провокации, па потоа и со мој претрес на самиот влез од салата. Не верувам дека највисокото раководство има врска со тоа, но во секој случај беше некоректно, особено ако се знае дека ние во Скопје два месеци претходно ги дочекавме со ВИП соба за претставниците на нивната управа“, истакнува Ристовски.

Тој се осврна и на случувањата во репрезентацијата на Македонија, на нецел месец пред настапот на нашиот национален тим на ЕП во Германија.

„Кај репрезентацијата ми пречат две работи – немањето никаква амбиција и криењето зад изговорот подмладување. Луѓето имаат погрешна перцепција дека јас имам нешто лично против Кире Лазаров, тоа воопшто не е точно, но погледнете реално што доби репрезентациајта под негово водство. На секое големо натпреварување имаме низа слаби резултати. Дали барем добивме некој играч низ овој процес на подмладување, ниту тоа не се случи. Дојдовме до ситуација да се радуваме ако загубиме со помалку од десет гола разлика, а не така одамна сосема солидно им париравме и на Германија и на Франција. Ми пречи таа неамбициозност, не е добро да се задоволуваме само со учество, треба да се обидеме и да направиме нешто на овие натпреварувања“, порачува долгогодишниот репрезентативец.

Се вчитува...