Мбапе и тренерот Енрике во „војна“ во ПСЖ

Во ПСЖ никогаш не е здодевно, особено кога во своите редови го има Килијан Мбапе, кој има статус повисок од тренерите на францускиот шампион.

Весникот „Л’Екип“ обелодени дека одличниот голгетер сега е во војна со Луис Енрике, откако отворено му се спротивставил на тренерот поради улогата што му ја дава на последните натпревари. Мбапе инсистира да игра како крилен офанзивец по левата страна, но Енрике на последните натпревари ја промени формацијата, играјќи го како централен напаѓач, притоа селејќи ги на клупата скапо платените Коло Муани и Гонсало Рамос.

Мбапе е разочаран и веќе разговарал со тренерот на оваа тема, по што Енрике изјави дека „го разбира голгетерот, но и дека тој е тренер и ги носи најдобрите одлуки за тимот). Незадоволството на најдобриот фудбалер на ПСЖ е очигледно со неговиот однос на теренот, уште повеќе откако Мбапе воопшто не го прослави голот што го постигна од пенал на последниот дуел со Лил.

Француските медиуми тврдат дека тренерот и најдобриот фудбалер не се на иста бранова должина уште од стартот на сезонава, а последниот конфликт има потенцијал уште повеќе да се влоши и да ја наруши екипата. Останува да се види дали Ал Келаифи овојпат ќе успее да го изгаси пожарот, првиот човек на клубот најчесто застануваше на страната на „ѕвездите“ во тимот, но овојпат ситуацијата е поинаква, Мбапе е пред заминување летово без никаква отштета, додека Енрике беше доведен како предводник на долгорочен проект со максимална слобода во донесувањето на тренерските одлуки.

Се вчитува...