Пребогатите газди на лигата во Саудиска Арабија не жалат пари за да ги убедат европските ѕвезди да се преселат во оваа земја, но од друга страна и не забораваат кога ќе бидат одбиени од нив.
Доказ за тоа се последните случувања со Лука Модриќ, откако Хрватот минатото лето доби мегапонуда за преселба во Саудиска Арабија. Тој имаше на маса 200 милиони евра за двогодишен договор во оваа земја, но Модриќ без многу размислување ги одби Арапите и потпиша нов едногодишен договор со Реал, за плата од осум милиони евра.
Ветеранот во меѓувреме се покаја, откако голем дел од натпреварите ги почнуваше од клупата за резерви, а дури неодамна врза неколку средби како првотимец, и тоа пред се поради серијата повреди на „кралскиот клуб“. Шпанските медиуми тврдат дека Модриќ се премислил и сега сака да се пресели во Саудиска Арабија за последниот „голем чек“ во кариерата, но добил неочекуван одговор од оваа земја.
Вратата не му е затворена, но Хрватот има на маса понуда од „само“ 15 милиони евра, што е за речиси седум пати пониско од она што можеше да го заработи ако минатото лето потпишеше договор.
Останува да се види конечната разврска, но едно е сигурно – оваа сезона е последна на хрватскиот ветеран во дресот на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

