Првиот голман на репрезентацијата на Белгија, Тибо Куртоа изјави дека нема да брани на идното Европско првенство 2024 година во Германија. Иако се смета дека тоа ќе биде поради тоа што нема навреме да се врати на терените заради тешката повреда на коленото, сепак, се чини дека и караницата со селекторот Џакомо Тедеско имало влијание врз одлуката.
Куртоа за првпат зборуваше за проблемот кој го има со Тедеско. Белгискиот голман го напушти кампот на националниот тим. Причината била поради незадоволството што селекторот не му ја дал капитенската лента на неговиот јубилеен 100-ти натпревар за Белгија во дуелот со Австрија.
„Да беше тоа причината за мојата одлука, ќе прекинев да бранам уште во март кога Тедеско го одреди Де Брујне да биде капитен, а јас и Лукаку заменици, но тука немаше јасна хиерархија. Де Брујне беше повреден и неколку часа пред мечот соопшти дека Ромелу ќе биде капитен против Австрија, а јас против Естонија три дена подоцна. Тоа беше вторпат да му се обратам на подготовките за тој меч. Нешто „пукна“ во мене. Не можев тоа да го поднесам, а по мечот со Австрија седнав со Тедеско и со директорот на репрезентацијата Франк Веркутор затоа што чувствував дека селекторот не ме цени ниту мене, ниту репрезентацијата. Потоа вршеше голем притисок врз мене да заминам, па дури се закануваше дека на новинарите ќе им каже што сме зборувале приватно на тој состанок. Му кажав дека тоа не е етично и дека е кршење на довербата помеѓу играчите и селекторот. Утредента веќе го имаше во медиумите, а јас знам дека тој им даде информации. Им се извинувам на навивачите што ја напуштив репрезентецијата, но во тој миг не можев да ја поднесам неправдата“, рече Куртоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

