Кузмановски: Имаме тешка група, но спортски е да се надеваш на изненадување

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир за подготовките за Европското првенство 2024 ггодина кое ќе се игра во Германија.

На првиот собир недостасуваа интернационалците Филип Талески и Никола Митревски кои имаат обврски во своите Бенфика, односно Порто.

Еден од најискусните во репрезентацијата Филип Кузмановски на почетокот на подготовките вели дека многу му се има кренато самодовербата по враќањето во Битола.

„Играњето во Лигата на шампионите и навивачите беше одлучувачко да се вратам во Битола. Многу ми помогнаа овие натпревари за самодовербата. Кога си на терен многу се крева самодовербата. Чест и задоволство е да се игра за репрезентација. Одлична група млади ракометари сме кои имаат голем квалитет да покажат во иднина. Максимално треба да ги помине подготовките. Сите сега играме за своите клубови и тоа е голем плус. Гледаме само напред. Верувам во стручниот штаб и во селекторот, наше е да напредуваме“, вели Кузмановски. 

Околу противниците во групната фаза (Германија, Франција и Швајцарија) вели дека иако ова е тешка група, спортски е да се надеваат на изненадување.

„Играв долго време во Германија и знам какви ракометни фанатици се. Се надевам дека и ние ќе имаме голема поддршка од нашите навивачи кои во голем број не следат секаде во светот. Ние го цениме тоа и даваме максимум и за нив и за Македонија. Франција е фаворит, но ние сме посветени на себе. Тешка е нашата група, но секако спортски е да се надеваш на изненадување. Ветувам дека ќе дадеме сто посто“, заврши Кузмановски. 

Се вчитува...