Ракометната репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир во пресрет на ЕП 2024, а веќе од утре ќе стартуваат и официјалните подготовки за претстојниот европски шампионат што следниот месец ќе се одржи во Германија.
Селекторот Лазаров не може од стартот на подготовките да смета на интернационалците од Португалија, Никола Митревски и Филип Талески, како и на десното крило Никола Костески кој настапува во чешкиот шампионат.
Првата фаза од овие подготовки ќе се одвива во Србија, каде за 29 декември е закажан и пријателски натпревар со селекцијата на Црна Гора. Пред новогодишните празници националниот тим се враќа назад во Македонија, а на почетокот јануари во Скопје ќе бидат одиграни две средби со Грција, кои ќе бидат и генерална проба за избраниците на Лазаров пред настапот на ЕП 2024.
За потсетување, Македонија ќе биде дел од најсилната група на европскиот шампионат и за ривали ќе ги има домаќинот Германија, повеќекратниот светски првак Франција, како и селекцијата на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА