Ракометната репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир во пресрет на ЕП 2024, а веќе од утре ќе стартуваат и официјалните подготовки за претстојниот европски шампионат што следниот месец ќе се одржи во Германија.
Селекторот Лазаров не може од стартот на подготовките да смета на интернационалците од Португалија, Никола Митревски и Филип Талески, како и на десното крило Никола Костески кој настапува во чешкиот шампионат.
„По смената на генерацијата, најважно беше да не се загуби континуитетот на спортот број еден во нашата земја. Еве веќе втора-трета година сме дел од големите натпреварувања. Европското првенство го смени форматот и во иднина нема да има лесни противници. Сега само две селекции ја минуваат групата и ќе играат во главната рунда. Немавме среќа во ждрепката. Ги добивме Франција, која заедно со Данска е еден од фаворитите за златото, домаќинот Германија и секако Швајцарија, која можеби е ниво послаба од другите ривали. Сепак, девет Швајцарци играат и имаат главни улоги во германските тимови.
Ние сме млада, полетна репрезентација и јас како селектор задоволен сум што имам можност да тренирам таква селекција, која во иднина ќе прави големи работи. Немаме многу време, но добро ќе се подготвиме. Ќе реализираме кратки, интензивни и квалитетни подготовки. Повикав деветнаесет раеоматари, од кои седумнаесет се тука во Скопје. Од утре се селиме во Стара Пазова, каде на 23 декември ќе ни се приклучи Талески, а два дена подоцна ќе го имаме и Никола Митревски. Мора да бидеме позитивни и да го надоградиме системот. Задоволен сум од двата квалитетни натпревари против Грција и натпреварите со Турција, Луксембург и Портигалија во квалификациите.
Ќе пробаме да создадеме добра хемија и момците со гордост ќе го носат македонскиот дрес. Цела нација едвај чека да дојде јануари да ја бодри својата репрезентација. Амбициозен сум и верувам во невозможнос, иако тоа во моментов не е реелна опција. Против Данска бевме додадена вредност со Столе и Миркуловски и ги изненадивме“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА