Баер Леверкузен е страв и трепет во Бундес-лигата

Баер Леверкузен забележа уште еден убедлив триумф во Бундес-лигата, декласирајќи го Бохум со 4-0 за задржување на предноста во однос на Баерн Минхен во трката за шампионската титула. „Фармацевтите“ се страв и трепет за ривалите сезонава, доказ за тоа е неверојатната бројка од 81 постигнат гол на првите 25 средби севкупно во сите натпреварувања (22 победи и три реми).

Патрик Шик доби шанса вечерва од првата минута на местото на Бонифејс и чешкиот ас на најдобар начин се заблагодари на довербата на Алонсо, постигнувајќи хет-трик во рок од 16 минути во првото полувреме. Во вториот дел во игра влезе и Бонифејс, кој ги постави конечните 4-0 на овој дуел на „Бај Арена“.

Баерн Минхен остана на „минус четири“ и натпревар помалку откако баварскиот гигант славеше со 1-2 на гостувањето против Волфсбург. Мусиала и Кејн донесоа удобно водство од 0-2, но откако Волфсбург намали на 1-2 баварскиот гигант реши целосно да се повлече. Домаќините создадоа шанси, но немаа сили за целосен камбек  и Баерн стигна до заслужени три бода на ова незгодно гостување.

Штутгарт лесно и убедливо го совлада Аугсбург со 3-0, додека Ајнтрахт во неверојатна завршница славеше со 2-1 над Борусија Менхенгладбах со два гола постигнати во судиското продолжение, Бута во 91. минута израмни на 1-1, пред Кох во 98. минута со погодок да предизвика ерупција од воодушевување меѓу фановите на домашниот тим на стадионот во Франкфурт.

Се вчитува...