Тетекс во финансиска неизвесност, без никаква помош од град Тетово, оставен само на двајца ентузијасти

По неколку неочекувани порази, некако незабележано во фудбалската јавност помина заминувањето на тренерот на Тетекс, Филип Деспотовски, на три кола пред крајот на есенското првенство на Втората лига. Последните три есенски натпревари Тетекс го водеше Даниел Радевски, поранешен негов играч.

Не е ништо чудно во фудбалот тренерите да заминуваат кога немаат резултати, но приказната за Тетекс и неговите тренери, особено со името на Радевски е навистина интересна. Во изминатите 18 месеци тој по третпат седна на клупата на Тетекс, кого за ова време го водеа дури шест тренери.

На почетокот на минатогодишната сезона 2021/22 во Тетекс на голема врата дојде Бојан Захариев кој на тогашната управа многу им ветуваше, еден куп спонзори и пласман во Првата лига. Но кога почнаа слаби резултати и порази, кога од ветените спонзори немаше ниту трага, брзо си замина, поточно доби отказ. Го замени Даниел Радевски, но не се задржа долго, без пари и редовна исплата на играчите тешко е да се биде тренер. На неговото место дојде Љупчо Димовски, искусен тренер, кој работеше и во Грција, но го водеше Тетекс само на два натпревари. Без пари и тој не сакаше да остане во Тетово. По него на клупата на „штофарите“, за кусо време седеше Дејан Савевски. При крајот на првенството, во спасувачката мисија, кога Тетекс веќе  беше на работ на директно испаѓање од лигата, беше ангажиран познатиот Љупчо Марковски-Калц. Клубот го зедоа во свои раце новиот претседател д-р. Бобан Вучевски и спортскиот директор Бобан Мишевски и заеднo со тренерот Марковски, преку бараж го спасија Тетекс од испаѓање од Втората лига.

Даниел Радевски

Сепак, приказната за Тетекс и честата смена на неговите тренери не завршува, продолжи и во годинашнава сезона 2023/24. Откако го спаси Тетекс од испаѓање од Втората лига, Љупчо Маркоски си замина, се врати во своето Скопје, во клуб во кој со години беше тренер. Пред стартот на Втората лига по вторпат Тетекс го ангажира Даниел Радевски за тренер, но не за долго.  По првото есенско коло, кога Тетекс претрпе убедлив пораз во Прилеп од Победа со 5-1 ,неочекувано беше заменет со тренерот Филип Деспотовски. Десетина натпревари Деспотовски го водеше клубот, кој се мачеше со големи финансиски проблеми, но на крајот даде отказ и му кажа збогум на Тетекс три кола пред крајот на есенскиот дел. Даниел Радевски, по третпат доби шанса како тренер да го води Тетекс до крајот на есента.

Дали Радевски ќе продолжи да го води Тетекс и во пролетната сезона, се уште не е дефинитивно решено. Се ќе се знае по новогодишните празници. Во моментов, на крајот на есенската сезона во Втората лига, Тетекс е на 11 место во конкуренција на 16 клуба, со пет победи, седум порази и 3 нерешени резулати. Меѓутоа, честата  смена на тренерите во Тетекс не е најголем проблем. Финансирањето на клубот никако да се реши, градот Тетово не го помага, се е оставено на двајца луѓе, претседателот Вучевски и на спортскиот директор Мишевски и на уште неколку ентузијасти кои помагаат колку што можат. Доколку не се изнајде целосно решение за финансирањето на клубот, постои стравување Тетекс дури и да не го продолжи настапот во Втората лига, едноставно да згасне. Досегашната помош на некои спонзори е минимална, колку да се одржи клубот.

Тетекс е едно од најславните имиња на македонската фудбалска сцена кој во минатото играше дури и во најсилната Прва лига на поранешна Југославија, а во Тетово гостуваа Партизан, Црвена Звезда, Динамо, Хајдук…Градот не сме да го заборави тоа кога Тетово беше на фудбалската карта на Југославија. Поголема реклама за овој град под Шара нема и затоа и треба да му помогне на Тетекс.

М.Мицковиќ

Се вчитува...