Огромен број барања од македонските фанови: Но, билетите за ЕП 2024 се распродадени!

По секојдневните бројни барања и дописи до Ракометната федерација на Македонија за купување билети за престојното Европско првенство 2024 кое во јануари ќе се одржи во Германија, денеска од РФМ преку соопштение ја информираат јавноста дека билетите за ЕП 2024 се распродадени.

Од РФМ информираат дека правата за продажба на билетите за Групата А, во која е и Македонија, ги има организаторот на шампионатот – Германија, а откако во септември биле пуштени во продажба и последните 10.000 билети тие се експресно распродадени.

Како што е познато, организаторите решија првите натпревари од групата А да се играат на арената „Меркур Шпил“ во Дизелдорф, фудбалски стадион со капацитет од над 50.000 места. ЕВРО 2024 официјално ќе биде стартувано со дуелот меѓу Германија и Швајцарија, на кој се очекува трибините да бидат полни и да биде поставен нов светски рекорд за посета на еден ракометен натпревар. Веднаш потоа на мегдан ќе излезат ракометарите на Македонија и на Франција, кои исто така пред голем број на ракометни фанови ќе бидат дел од вториот дел од овој ракометен спектакл во Дизелдорф.

Според програмата, останатите натпревари од оваа група А ќе се играат во Берлин.

СООПШТЕНИЕТО ОД РФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Почитувани љубители на ракометот,
Почитувана спортска јавност,

Ве известуваме дека до Ракометната Федерација на Македонија секојдневно пристигнуваат барања за билети за претстојното Европско ракометно првенство во машка сениорска конкуренција, кое ќе се одржува во Германија во период од 10ти до 28ми јануари 2024 година.

Ракометната Федерација на Македонија, односно машката сениорска репрезентација е учесник на претстојниот спортски настап, согласно регулативата на Европската ракометна федерација правата за продажба на билети за европски спортски настани се кај домаќинот на првенството, во овој случај тоа е ракометната федерација на Германија и нивниот организационен комитет.

Европската ракометна федерација преку своите медиумски соопштенија уште во месец мај 2023 година, објави дека има огромен интерес за билети за претстојното првенство и дека половина од билетите за натпреварите во продажба се веќе распродадени, особен интерес и побарувачка за билети имаше во групата А каде настапува и македонската сениорска репрезентација, бидејќи во група А се наоѓа и домаќинот Германија.

Од страна на организаторот преку online мрежата за продажба, во месец септември 2023 година беа пуштени во продажба и последните слободни 10.000 билети, кои во екстремен брз временски рок беа распродадени.

Ве молиме бидете информирани дека билетите за натпреварите во Група А каде настапува и македонската репрезнетација, по добиената информација од страна на ракометната федерација на Германија и нивниот организационен комитет се распродадени.

Со почит,

Ракометна Федерација на Македонија

Се вчитува...