Лацио освои три бода, но остана без двајца важни играчи

Лацио конечно стигна до цел плен на гостувањето против Емполи, прекинувајќи ја мини-црната серија од два меча без триумф во Калчо-лигата. Триумфот сепак беше скапо платен, откако Чиро Имобиле и Луис Алберто заработија повреди и мораа да бидат заменети уште во првото полувреме. Прегледите ќе покажат за колкава пауза ќе стане збор, но двајцата речиси сигурно ќе го пропуштат последниот натпревар за Лацио годинава, дуелот со Фросиноне закажан за 29 декември.

Избраниците на Маурицио Сари успеаја во раната фаза од мечот да го отворат резултатот, откако Гендузи најдобро се снајде во една мешаница, наоѓајќи го патот до мрежата. Триумфот беше осигуран кон средината на второто полувреме, кога Закањи зголеми на 0-2 и стави печат на победата за гостите од Рим.

Џенова на гостински терен славеше со 1-2 на гостувањето против Сасуоло, и тоа со резултатски пресврт во второто полувреме. Сасуоло имаше водство по првите 45 минути благодарение на голот на Пинамонти, но Џенова најпрвин израмни со пеналот на Гудмундсон, пред Екубан да стрела прецизно во 87. минута на огромна радост на гостинскиот состав.

Се вчитува...