Историската 2023 година на Манчестер Сити заврши на најдобар можен начин, откако тимот на Пеп Гвардиола се надоврза на англиската и на европската титула со трофејот за светски клупски првак. Во денешното финале од клупскиот мундијал Сити за ривал го имаше јужноамериканскиот првак Флуминенсе, но „граѓаните“ со импресивно издание доминираа од првата до последната минута и заслужено се искачија на тронот (4-0).
Работата во многу нешта им беше олеснета откако избраниците ан Гвардиола дојдоа во водство по нецела минута игра, најбрз гол во историјата на клупските мундијали. Аке се обиде со шут од над 25 метри, топката удри во дирекот и се одби до Хулијан Алварез, кој со гради рутински ја смести во мрежата крај веќе легнатиот голман.
Флуминенсе беше принуден да се отвори, а Сити е тим што знаеше како да го искористи тоа, иако во своите редови и вечерва ги немаше Халанд, Де Бруине и Доку. Победникот беше решен уште во првото полувреме откако Фоден се обиде да асистира, но Нињо со лизгачки старт наместо да ја расчисти опасноста ја смести топката во сопствената мрежа.
На 3-0 во второто полувреме зголеми Фоден, кој немаше тешка задача да стрела прецизно по одличното додавање на Алварез. Токму Алварез беше стрелец на голот за конечните 4-0, крунисувајќи ја својата МВП-партија во ова големо финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

