Астон Вила се исплаши да се искачи на врвот: Наместо лесен триумф, едвај до реми со Шефилд

Фантастичната серија на Астон Вила од 15 победи по ред на „Вила Парк“ неочекувано беше прекината вечерва, и тоа против екипата на Шефилд Јунајтед која важи за една од најслабите во Премиер-лигата, но вечерва се враќа дома од Бирмингем со голем бод по ремито од 1-1. Во Шефилд имаат и за што да жалат ако се знае дека до 97. минута имаа водство од 0-1, но Заниоло спречи целосна сензација и донесе барем еден бод на Астон Вила.

Унаи Емери и неговите избраници oчекуваа рутински триумф, но во текот на сите 90 минути домаќините се мачеа данајдат одговор за добро организираната одбрана на Шефилд. Астон Вила конечно постигна гол по петнаесетина минути игра во вториот дел преку Бејли, но истиот беше поништен по долга ВАР-контрола поради фаул над голманот во раната фаза од акцијата.

Како што минуваше времето Вила мораше да се отвори, остави многу простор во сопствената половина, а гостите знаеја како да го искористат тоа, постигнувајќи го победничкиот гол во 87. минута. Тој беше дело на Арчер (инаку поранешен младински фудбалер на Астон Вила), кој се најде на вистинското место по одличната акција и додавањето на Хамер, по што немаше тешка задача од пет метри да го совлада Мартинез. Главниот судија додаде девет дополнителни минути во второто полувреме, а Астон Вила го искористи тоа и преку Заниоло во 97. минута спаси бод на овој супердраматичен дуел.

Со овој резултат, Астон Вила пропушти шанса да мине барем 24 часа на врвот на премиерлигашката табела, што ќе беше прв ваков случај по пауза од цели 25 години.

Се вчитува...