Пројковска: Луѓето во Прага не можеа да поверуваат дека во нивниот град може да се случи ваков масакр

Македонските меѓународни женски фудбалски судии Ива Пројковска, Вјолца Изеири, Ирена Велевачкоска и  Алјоха Фернандез Руис од Андора ќе мора повторно на 18. јануари да патуваат за Прага и да го судат мечот во Лигата на европските шампиони меѓу Славија  и австрискиот клуб Санкт Полтен. Иако тие беа дојдени во Прага каде овој натпревар требаше да се одигра на стадионот „Еден арена“ на 21 декември, во последен момент од безбедносни причини, по консултација со челните луѓе на Славија беше откажан  од страна на УЕФА. Тоа попладне, пред одигрувањето на мечот, речиси во центарот на Прага, во непосредна близина на хотелот, каде престојуваа судиите и официјалните лица на УЕФА, се случи невиден масакр кога едно лице усмрти 14 лица и повеќе рани во неговата  умоболна убиствена мисија за да потоа изврши самоубиство.

Целиот тој дел од градот беше блокиран од страна на полицијата додека траеше пресметката со убиецот, па и потоа, бидејќи се мислеше дека е тоа дел од некоја терористичка акција. Сакавме да дознаеме од Ива Пројковска како тие се чуствуваа во сите овие немили настани во главниот град на Чешка.

„Ние немавме никакви проблеми. Кога во средата допатувавме во Прага, одржавме лесен тренинг на стадион. Претпладнето пред мечот, непосредно пред овој немил настан, имавме куса прошетка  низ градот и веднаш по ручекот заминавме во своите соби да се одмориме  и подготвиме за натпреварот. Со оглед дека мечот беше закажан за 21 часот, договорт беше да се најдеме на кафе  во холот на хотелот во 18 часот. Меѓутоа многу порано, кај мене во собата дојде делегатот на оваа средба  Алма Жукенова од Казахстан за да ме извести дека натпреварот е откажан од страна на УЕФА  поради многу убиени и повредени лица во центарот на градот. Се собравме сите во големата просторија на хотелот и на малите екрани видовме што се случувало во Прага. Со нас беа и контролорот од Финска Ан Харнинен, кој требаше да го оцени нашето судење и неколку официјални лица од Славија. По препорака на полицијата, не смеевме да го напуштиме хотелот, поради безбедноста, не само ние туку и другите гости кои престојуваа во него. Наредното утро домаќините, кои постојано беа со нас, не испратија до аеродромот, улиците во Прага некако беа празни, на аеродромот  се чуствуваше некоја напнатост, мислам дека луѓето се уште не можеа да поверуваат дека може да се случи ваков масакр во нивниот преубав град“, ни рече во разговорот Ива Пројковска, која зедно со своите помошнички повторно ќе патува за Прага за да конечно го отсуди мечот меѓу Славија и Санкт Полтен на 18 јануари идната година. Инаку во оваа група се одигра истиот ден средбата меѓу Бран од  Норвешка и францускиот Лил кој заврши  без победник 2-2.

   М.М

Се вчитува...