Зад нас оставивме година преполна со спортски возбудувања, но новата 2024 дефинитивно би требало да биде уште поинтересна, особено ако се знае дека станува збор за олимписка година.
Вообичаено за нас, секоја календарска година почнува со ракометен шампионат, овојпат во Германија. Куриозитет ќе биде што Македонија ќе го отвори ЕП на фудбалски стадион, на „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф каде избраниците на Кире Лазаров ќе излезат на мегдан со големиот фаворит Франција.
Потоа нашите ракометари ќе се сретнат и со Германија и со Швајцарија во Берлин, а европското првенство ќе трае до 28 јануари, кога ќе се игра големото финале во „Ланксес Арена“ во Келн.

Кошаркарската репрезентација ќе се обиде да ја прекине серијата отсуства од големите натпреварувања на Евробаскет 2025, за кој квалификациите стартуваат во февруари 2024. Нашата селекција ќе отвори со домашен дуел против Естонија на 23 февруари, а ривалите во групата ни се уште и Полска и Литванија. За пласман на Евробаскет ќе треба да бидеме пред Естонија или пред Литванија, ако се знае дека Полска како ко-домаќин има загарантирано место на наредниот континентален кошаркарски собир.
Европското првенство во фудбал што ќе се одржи летово во Германија ќе даде одговор дали Италија ќе успее да се задржи на врвот по сензационалниот триумф на ЕВРО 2020, но и катастрофалното испаѓање од Македонија во баражот за последниот мундијал. „Аѕурите“ влегуваат со нов селектор Лучијано Спалети откако под водство на Роберто Манчини се закитија со европското злато, прашање е и дали Германија ќе успее да се консолидира по катастрофалните резултати во последните години, а меѓу главните фаворити за највисок пласман се истакнуваат Франција, Португалија и Англија.
Главен настан во оваа 2024 година дефинитивно ќе бидат Летните Олимписки Игри во Париз, кои ќе се одржат во француската метропола од 26 јули до 11 август. Претходните ОИ донесоа голема радост за Македонија со сребрениот медал што го освои Дејан Георгиевски во таеквондо, па останува да се види дали Париз ќе биде ново место за испишување на олимписка историја на нашата земја.
Од 28 ноември до 15 декември ќе се одржи Европското првенство во ракомет за жени чии ко-домаќини ќе бидат Австрија, Унгарија и Швајцарија. Македонија е на добар пат да обезбеди пласман на овој шампионат по стартните победи против Азербејџан и Литванија, што би било второ ЕП во низа за нашите најдобри ракометарки по она на кое беа ко-домаќинки во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

