Лазаров: Подготовките течат одлично, Црна Гора ќе биде идеален тест за сработеното

Селекторот Кире Лазаров е задоволен од почетокот на подготовките што ракометната репрезентација ги има во Стара Пазова во пресрет на ЕП во Германија.

Кормиларот на националниот тим жали што Македонија ќе има само една контрола во овој период, но верува дека токму тој дуел со Црна Гора на 29 декември ќе биде идеален показател за сработеното во овој подготвителен период.

„Еве веќе како работиме четири дена со сениорскиот национален тим, јас сум задоволен од сработеното во овој период. Работевме на нападот, на одбраната, на полуконтрата, на враќањето назад, секако и на физичката кондиција, максимално го искористивме времето да го сработиме и тоа бидејќи имаме играчи од различни клубови и мораме за што пократок период да ги доведеме на едно исто ниво. Секако дека имам појасна слика, имаме доволно време до почетокот на ЕП, штета е што немаме противници за контроли во оваа фаза од подготовките, макар тоа биле и помалку квалитетни ривали, па затоа во наредните денови ќе одиграме две средби меѓу себе, пред дуелот со Црна Гора што е закажан за 29 декември, пред нашето враќање за Македонија. Црна Гора е квалитетна репрезентација со квалитетни индивидуалци и тој меч добро ќе ни послужи како еден вистински тест за она што го сработевме на овие подготовки“, вели Лазаров.

Селекторот е убеден дека физичката подготвеност нема да биде проблем на претстојниот европски шампионат и дека Македонија максимално подготвена ќе влезе во дуелите со Франција, Германија и со Швајцарија.

„По новогодишните празници и двата дена заслужен одмор почнуваме со финишот на подготовките за ЕП во Германија. Делумно можам да бидам задоволен од физичката форма и подготвеност, се чувствува мал недостиг на физичка кондиција кај оние ракометари кои немаа европски натпревари оваа полусезона. Сепак, ние сме колективен спорт и имаме доволно време за тоа да го одработиме и максимално подготвени да го дочекаме стартот на европското првенство. Задоволен сум од атмосферата што владее во националниот тим, тука имаме идеални услови за подготовки, имаме време и за тренинг и за одмор, како и за тим-билдинг. Кога имате одлични услови, секако дека тоа се одразува позитивно и на самата атмосфера во екипата“, истакнува селекторот Кире Лазаров.

Се вчитува...