Партизан ја пополни плејмејкерската позиција со ангажманот на Џејлен Смит од Виртус Болоња, а шампионот на АБА-лигата се подготвува повторно да тргне на шопинг во Италија.
Николо Мели е најновата желба на Жељко Обрадовиќ, кој сака повторно да се обедини со својот екс-играч од Фенербахче, канејќи го да му се приклучи во Партизан. Искусниот крилен центар има само уште шест месеци од актуелниот договор со Олимпија Милано, а сериозно размислува за заминување откако италијанскиот тим му најавил дека понудата за нов договор ќе биде со значително намалување на платата.
Како што јавува весникот „Кориере дела сера“, понудата на Партизан изнесува огромни 2,5 милиони евра по сезона (половина милион повеќе од она што Мели во моментов го заработува во Милано).
Останува да се види колку вистина има во овие пишувања од Апенинскиот полуостров, од каде најавуваат дека Мели сериозно размислува за заминување и поради промената на начинот на оданочување на спортистите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА