„Шок-терапијата“ со смена на тренерското место во Гостивар од каде замина младиот Никола Димитриевски, а „жешкото столче“ го наследи искусниот Јорданчо Давитков не донесе плод во редовите на „сино-белите“ кои во 13. коло претрпеа нов пораз, овој пат од актуелниот шампион МЗТ Скопје кој ја продолжи својата победничка низа во мак-баскетот со триумф од 69-78.
МЗТ Скопје го наметна своето темпо уште на самото отварање на натпреварот. Добрата одбрана и користењето на предноста во играта во рекетот носеше лесни поени за аеродромци па по нецели пет минути игра беше забележана и двоцифрена предност, предност која остана на семафорот и до крајот на првите 10. минути (10-25). Работите на теренот не се променија ниту до крајот на првото полувреме. МЗТ Скопје продолжи да го полни рекетот на противникот и покрај тоа што опадна реализацијата, а и покрај тоа што Гостивар влезе во серија во обидите за три поени, не успеа да најде константност во нападот па на „големиот одмор“ на семафорот стоеше резултат 28-44.
Преку шутот за три поени Гостивар одново се доближи поблиску до едноцифрена негатива на отварањето на второто полувреме, но агресивната одбрана на МЗТ Скопје одново донесе „комоција“ на натпреварот. Аеродромци продолжија да ја користат предноста во висина во рекетот па стигнаа до +17 (41-58), но во финишот на четвртината домаќините одговорија со серија од 6-2 за 47-60. Моментумот на гостиварци продолжи и во последната четвртина во која избраниците на Давитков го заштитија рекетот, а тоа донесе лесни поени на спротивната страна за 59-67, но со враќањето на Војдан Стојановски на паркетот се врати и стабилноста на „металците“ па следеше мирен финиш на натпреварот.
Со 18 поени и 6 скокови Вилијамс беше прво име кај Гостивар, додека со по 14 поени и 5 скокови него го следеа Митревски и Стојаноски. Дабл-дабл од 20 поени и 13 скокови забележа Баковиќ за МЗТ Скопје, а 12 поени и 6 скокови додаде Војдан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА