Оваа година во македонската Прва лига беше историска, од аспект на првата титула на Струга ТЛ во историјата. Клубот од Струга имаше невиден подем, од 2015 од нејзиното основање за само осум години до шампионскиот пехар во најелитното фудбалско натпреварување во Македонија.
Така Струга ТЛ им се приклучи на досегашните шампиони: Вардар, Шкупи (Слога Ј.), Работнички, Шкендија, Силекс, Победа, Македонија ЃП и Ренова, кои се единствените со титули од осамостојувањето на Македонија. Струга ТЛ за малку ќе ја освоеше и двојната круна, но во финалето на Купот загуби од Македонија ЃП, тим кој вторпат по ред доаѓа до пехарот во ова натпреварување.
Струга ТЛ имаше одличен старт на сезоната 2022/23, а хемијата во тимот не се поремети ниту со неочекуваната тренерска смена кога на местото на Срѓан Захариевски, беше донесен Албанецот Шпетим Дуро, кој ја продолжи доминацијата, и дојде до првата шампионска титула. Струга ТЛ е првопласиран и после првиот дел и од актуелната сезона и со Шкупи и Шкендија ќе води битка за одбрана на шампионскиот трон.
После напорната сезона во ПМФЛ, следуваа и настапите на нашите екипи во Европа. А, таму според онаа познатата „на запад ништо ново“. Вардар остана единствен претставник на Македонија во групната фаза на европските натпреварувања, иако и во 2023 година се укажа добра шанса барем Струга ТЛ да обезбеди место меѓу најдобрите екипи во Лигата на конференции.
Шампионот најпрво беше несреќно елиминиран од Жалгирис во ЛШ, а потоа го продолжи патот кон Лигата на Конференции. Таму успеа да го совлада Будуќност во второто квалификациско коло, па да го елиминира Есперанж во третото, за во плеј-офот се судри со исландски Бреидаблик. кога се чинеше дека има „џекпот“ противник, стружани загубија и на двата меча по 0-1, и им остана сонот недосонуван за најголем успех на еден наш тим после Вардар во 2017 година.
Од другите екипи, Шкупи мина едно квалификациско коло откако го „растури“ тимот на Хегелман од Литванија со вкупни 0-5, а во второто коло беше елиминиран од софиски Левски со вкупни 0-3.
Шкендија и Македонија ЃП доживеаја бламажи уште по првото коло во Лигата на Конференции. Особено тимот на Шкендија кој како апсолутен фаворит влезе во пресметката со Хаверфордвест од Велс. Меѓутоа изненадувачки избраниците на Ардијан Нухиу потклекнаа уште на првиот предизик, и беа елиминирани на пенали.
Нешто потешка задача имаше Македонија ЃП кој за противник ја доби РФС Рига, и во првиот меч загуби 0-1, а потоа на реваншот и со 4-1, за рана елиминиација од Европа. Но, овој меч остана во сенка на тоа што дел од европските медиуми објавија дека тимот од Ѓорче Петров се наоѓа под истрага токму поради мечот со РФС Рига (4-1) за евентуално местење, но засега и натаму нема резултати од истрагата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА