Ѓоковиќ: Сакам да бидам како Том Брејди, голем шампион и на 40 години

Новак Ѓоковиќ ја остава зад себе фантастичната 2023 година, но српскиот тенисер јасно става до знаење дека планира во ист стил да продолжи и во годината што следи.

Иако има 36 години, Новак јасно става до знаење дека возраста не би требало да му претставува пречка на патот кон нови врвни резултати, како позитивен пример наведувајќи го Том Брејди, еден од најдобрите играчи во историјата на НФЛ, кој и по 40-годишна возраст доминираше на терените.

„Една од најдобрите години во кариерата ми беше 2023, не гледам причина зошто би играл послабо во блиска иднина. Се чувствувам одлично во своето тело, играм квалитетен тенис, се е како што треба. Том Брејди ми е инспирација, тој е човек што напорно тренирал цел живот, што беспрекорно се грижел за своето тело низ годините и тоа му помогна да биде голем шампион и по 40. роденден. Јас исто како него многу работам, на физички и на психолошки план и верувам дека можам да тргнам по стапките на Брејди“, изјави Ѓоковиќ.

Се вчитува...