Капело: Милан ќе направи грешка ако го отпушти Пиоли

Легендарниот тренер на Милан, Фабио Капело, испрати порака до раководството на „росонерите“ да не размислува за смена на Стефано Пиоли, бидејќи тоа би бил погрешен потег во овој момент.

„Росонерите“ имаат сериозни осцилации во формата сезонава, веќе испаднаа од Лигата на Шампионите, додека во Серија А имаат единаесет бода заостанување зад лидерот Интер. Главна причина за ваквите резултати се бројните повреди, а Капело верува дека Пиоли треба да добие шанса да го стабилизира тимот.

„За мене би било бесмислено ако сега му се врачи отказ на Пиоли, ако тоа се случи Милан ќе направи грешка. Од друга страна, тренерот мора што поскоро да најде решение за оваа ситуација. Не може да се дозволи Милан да продолжи да игра на ваков начин, да бележи вакви резултати, ситуацијата мора што поскоро да се промени“, изјави Капело.

Според него, главен проблем е што Милан не е доволно силен во средниот ред, по неколкуте заминувања во последните години.

„Погледнете го тимот од пред две години, кога ги имаше Тонали, Кеси, Бенасер и Чалханоглу. Сега тројца од нив се заминати, а Бенасер штотуку се врати од повредата. Секако, проблеми постојат од многу аспекти, но средниот ред е моторот на тимот и ако таму работите не функционираат како што треба, тоа се одразува на се останато“, коментира одличниот стратег кој освои се што можеше да се освои со „росонерите“.

Се вчитува...