Меѓународниот Институт за фудбалска историја и статистика (ИФФХС) денеска ги објави лауреатите за оваа календарска година, при што за најдобар светски фудбалер за 2023 година е избран Ерлинг Халанд.
Норвежанецот имаше сезона за паметење со Манчестер Сити, освојувајќи се што можеше да се освои на клупски план, притоа надминувајќи ја границата од 50 погодоци во оваа календарска година, со што без конкуренција беше најзаслужен за неверојатната сезона на тимот на Пеп Гвардиола.
Халанд освои вкупно 209 поени во овој избор, речиси двојно повеќе од второпласираниот Килијан Мбапе со 105. Третото место му припадна на Лео Меси со 85 поени, а интересно е што во Топ 10 според ИФФХС немаше место за Кристијано Роналдо, иако Португалецот ја заврши годинава со неверојатни 53 постигнати погодоци.
По Меси, место во Топ 10 листата на фудбалери за 2023 според ИФФХС имаше и за Родри, Белингем, Де Бруине, Кејн, Бернардо Силва, Винисиус и за Лаутаро Мартинез.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

