Работнички го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона откако во дерби-дуелот со кој се затвори оваа натпреварувачка 2023 година „центарци“ го декласираа Пелистер со преубедливи 98-84. Битолчани како актуелни вицешампиони дојдоа во Скопје со надеж за триумф и реванш за поразот на домашен терен во првиот дел од сезоната. Не само што тоа не се случи, туку „пелистерци“ одиграа далеку под своите можности, како во нападот така и во одбраната, по што убедливиот пораз беше неизбежен.
Гостите имаа водство од 12-14 во седмата минута, по што Работнички го сврте резултатот во своја полза и поведе со 26-20. Како што одминуваше времето, така стануваше се поочигледна немоќта во играта на „пелистерци“, Работнички со тројката на Ефремовски стигна до првото двоцифрено водство (26-14), како најава за фуријата на „центарци“ во останатиот дел од мечот. На одмор се замина со 53-36, Пелистер за момент намали, но следеше неверојатна серија на Работнички од 20-0, трасирајќи си го патот до убедлив триумф. Домаќините имаа и огромни 33 поени разлика (96-63), но домаќиност застана во финишот, а Пелистер со серија прецизни шутеви во финишот ја намали голмата негатива на овој натпревар, кој на крајот заврши со конечни 98-84.
Горан Самарџиев со оваа партија дефинитивно покажа дека го враќа Работнички на посакуваните патеки, со игра со која може да се вмеша во борбата за трофеи, додека Радуловиќ сега ќе се соочи со огромен притисок на клупата на Пелистер, откако на последните порази во АБА2 се надоврза со ова катастрофално издание во домашното првенство.
Декоси со 22 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, 15 поени постигна Рикиќ, додека плејмејкерот Трис реализираше 14 поени и 7 асистенции. Во таборот на Пелистер најефикасни беа Хор со 22 и Костоски со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА