Хрватскиот селектор Златко Далиќ е задоволен од договорениот пријателски натпревар што „коцкестите“ на 3 јуни ќе го одиграат против селекцијата на Македонија, како дел од завршната фаза од подготовките за ЕВРО 2024.
Двете селекции ќе се сретнат на 3 јуни на стадионот „Рујевица“ во Ријека, што ќе биде претпоследна контрола за Хрватска во пресрет на европскиот шампионат.
„Македонците се одличен противник во таа фаза од пдоготовките. Говориме за репрезентација што оваа есен на домашен терен ремизираше и со Италија и со Англија, што покажува дека ќе биде вистински испит за нас, до каде сме со подготовките и што треба да поправиме пред заминувањето за Германија“, изјави Далиќ.
Задоволството од договорениот пријателски натпревар не го криеше ниту Маријан Кустиќ, првиот човек на Фудбалската Федерација на Хрватска.
„Им благодарам на претседателот Муамед Сејдини и на нашите пријатели од Фудбалската Федерација на Македонија за пријатната комуникација и постигнатиот договор околу одигрувањето на овој пријателски натпревар. Македонците низ квалификациите покажаа дека се незгоден ривал и за најсилните селекции во Европа, па јасно е дека ќе бидат сериозен тест за нас како дел од подготовките за ЕВРО 2024“, истакна Кустиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА