Борусија Дортмунд не го смени тренерот, но донесе познати имиња во стручниот штаб

Иако беше пред отказ на крајот од есенскиот дел од сезоната, откако Борусија Дортмунд се најде на 5. позиција на табелата со големо заостанување од водечките две екипи, и речиси без шанси за титулата, сепак, Един Терзиќ остана тренер на „милионерите“. Го „преживеа“ состанокот во клубот, кој одлучи да му даде шанса, пред се благодарение на успехот во ЛШ, каде во „групата на смртта“ со ПСЖ, Њукасл и Милан заврши на првото место.

Но, Един Терзиќ добива засилување во својот стручен штаб во името на поранешниот фудбалер на тимот, Нури Шахин. Шахин беше и како играч на Борусија Дортмунд и тоа во два мандати. Тој потекнува од фудбалската школа на тимот од Дортмунд, а во моментов е тренер на Анталијаспор.

Според германските медиуми, Шахин е веќе на преговори во Дортмунд, и ќе му биде прв асистент на Терзиќ. Инаку за Шахин се шпекулираше дека ќе го преземе кормилото на „милионерите“ кога му беше даден отказ на Марко Розе, но потоа раководството на Борусија се одлучи за Терзиќ, кој лани беше на чекор до освојување на шампионскиот пехар, но го „прокоцка“ во последното коло.

Шахин беше фудбалер на Борусија од 2001 до 2005 во младинските категории, а потоа од 2005 до 2011 во сениорска конкуренција, па повторно од 2013 до 2018 година.

Многумина шпекулираат дека Шахин после Терзиќ, ќе биде тренер на екипата на Дортмунд, а доколку се случи кризата да продолжи и во пролетниот дел, тогаш тоа може да се случи многу брзо.

Второто име кое ќе биде во Борусија Дормтунд е Свен Бендер, исто така поранешен играч на Борусија Дортмунд, кој во моментов е селектор на Германија до 17 години.

Се вчитува...