Македонската ракометна репрезентација славеше со 54-51 во пријателскиот дуел со Црна Гора што се одигра попладнево во Стара Пазова, прв контролен меч за нашите ракометари како дел од подготовките за ЕП 2024.
Македонија по првото полувреме имаше водство од 22-17, а по 60 минути игра резултатот на семафорот гласеше 39-37 за нашата селекција. Сепак, во договор меѓу двајцата селектори беше игран и трет период од уште 30 минути, доволно време за Лазаров и Шола да ги испробаат сите тактички варијанти на кои работеа во оваа фаза од подготовките.
Со овој натпревар се заокружува и тренинг-кампот во Стара Пазова, нашите ракометари утре се враќаат назад во Македонија, каде ќе добијат два слободни дена за новогодишните празници.
Предвидено е на 4 јануари и на 5 јануари да бидат одиграни последните две контролни средби против селекција на Грција во Скопје, по што „црвено-жолтата експедиција“ на 8 јануари ќе замине за Германија.
Македонија првиот меч на ЕП 2024 ќе го игра на 10 јануари на „Меркур Шпил Арена“, фудбалскиот стадион во Дизелдорф, каде пред околу 55.000 навивачи ривали на нашите ракометари ќе им бидат репрезентативците на Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА