Италијанските фудбалски клубови ионака имаат сериозни проблеми во обидите да привлечат врвни засилувања, поради недоволната финансиска моќ во однос на гигантите од Англија и од останатите делови од Европа. Задачата ќе стане уште потешка од почетокот на 2024 година, откако италијанските власти решија да го укинат субвенционирањето во оданочувањето на вработувањата на странски државјани во Италија.
Досега на сила важеше законот за квалификуваната работна сила во Италија да биде плаќан половина од предвидениот данок, другата половина ја покриваше државата, но италијанските власти решија да ја укинаат оваа државна помош, оставајќи ги на цедило спортските колективи.
Еден од оние кои гласно реагираа на оваа одлука е директорот на Интер, Џузепе Марота, кој важи за специјалист за трансфери, но работата со новиот развој на настаните ќе му биде сериозно отежната.
„Во период во кој италијанскиот фудбал се искачува на европското рангирање, кога три италијански клубови играа финалиња во три европски купи, аболицијата на даночните олеснувања претставува автогол што италијанската држава си го даде, како за нашиот фудбал, така и за економијата. Ова олеснување ни помагање некако да успееме некако да донесеме врвни фудбалери во Италија, но од 1 јануари тоа ќе биде апсолутен хендикеп. Секако, ваквите законски промени ќе доведат да дојде до намалување на квалитетот на италијанскиот фудбал“, предупреди Џузепе Марота.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА