Легендарниот словенечки кошаркар Горан Драгиќ во 2024 година и официјално ќе се пензионира од кошарката, откриваат словенечките медиуми. За заминувањето во пензија е планиран настан кој ќе се одржи престојното лето во Љубљана и ќе трае два дена.
Повеќе детали за настанот и учесниците на истиот ќе бидат познати по пресконференцијата која е закажана за следниот четврток во главниот град на Словенија.
Импресивната кариера на 37-годишникот започна во 2004 година во Слован, а пред заминувањето во НБА лигата броеше настапи и во Мурсија и Унион Олимпија. Како 45-ти пик на драфтот во 2008 беше одбран од страна на Сан Антонио, но првиот настап во елитното натпреварување го имаше во дресот на Феникс за која настапуваше шест сезони со кратка авантура во Хјустон во сезоната 2011/12. Покрај овие два тима беше дел и од Мајами, Торонто, Бруклин, Чикаго и Милвоки.
Долгогодишниот член на репрезентацијата на Словенија најголемиот успех го доживеа во 2017 година кога заедно со Лука Дончиќ ја предводеше оваа поранешна југословенска држава до златниот медал на Европското првенство на кое ја освои и МВП наградата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА