Гримау доби последна шанса од Барса, и тоа на „Ел Класико“

Барселона се коцкаше со именувањето на Роџер Гримау за тренер на кошаркарскиот тим оваа сезона, каталонците почнаа неочекувано добро, но во последниот месец овој тим бележи катастрофални резултати. Последниот пораз од 91-71 од Монако само ја продлабочи кризата, особено ако се знае дека само два дена претходно Барса со идентични 91-71 загуби и во домашното првенство од Уникаха.

Седум порази во последните десет средби во сите натпреварувања, дефинитивно е доволно за да се запали алармот кај управата на каталонците, но претседателот Лапорта реши да му даде последна шанса на Гримау да најде излез од кризата. Младиот стратег денеска јавно доби поддршка од највисокото раководство, но и со порака дека времето истекува.

Тој ќе има последна шанса за рехабилитација веќе на 3 јануари, но проблем за Гримау е што ривал во првиот дуел од 2024 ќе му биде Реал Мадрид. Европскиот шампион игра извонредна кошарка сезонава, има само по еден пораз и во Евролигата и во домашното првенство, така што мотивираните „кралеви“ дефинитивно ќе бидат големи фаворити за триумф над Барса, дуел што би можел да го означи и крајот на кратката авантура на Гримау на клупата на каталонскиот гигант.

Се вчитува...