Тен Хаг нема да „преживее“, отказот е подготвен за почетокот на 2024 година

Ерик тен Хаг нема да го преживее најновото резултатско фијаско на Манчестер Јунајтед, откако „црвените ѓаволи“ вечерва загубија од Нотингем Форест со 2-1, за продлабочување на големата криза што го тресе трофејниот клуб од стартот на сезонава. Холандскиот стручњак се спаси пред неколку дена со големиот пресврт на домашен терен против Астон Вила, но Јунајтед вечерва не покажа буквално ништо за да заслужи поинаков исход.

Како и на речиси сите овосезонски гостувања, „ѓаволите“ се бранеа на сопствената половина чекајќи противничка грешка, денеска дури и постигнаа гол по една таква ситуација, но и тоа беше недоволно за да се стигне до позитивен резултат. Навивачите не кријат дека се исфрустрирани, како од резултатите, така и од апсолутната неамбициозност во играта и неможноста тим како Јунајтед да искреира и реализира шанси во Премиер-лигата.

Семејството Глејзер трпеливо му даваше доверба на Тен Хаг, но сега ситуацијата е сосема поинаква, откако Сер Џим Ратклиф по откупот на малцинскиот пакет на акции го презеде оперативното раководење со клубот. Британскиот милијардер важи за огромен фан на Јунајтед, а извори блиски до Ратклиф тврдат дека тој воопшто нема да покаже трпение за сегашниот тренер. Одлуката за разделба од Тен Хаг ќе биде обелоденета на почетокот од месец јануари, се со цел новиот тренер да има доволно време за да ја пренесе својата фудбалска филозофија врз екипата.

Имено, Јунајтед во месец јануари ќе игра само еден меч во Премиер-лигата (на 14 јануари против Тотенхем) и еден дуел од ФА Купот (гостување со Виган на 8 јануари). Пеколниот ритам ќе продолжи од 1 февруари со гостувањето против Вулверхемптон, а желба на Ратклиг и неговите соработници е токму овој „празен јануарски период“ да биде искористен за коренити промени во клубот. Почнувајќи од тренерската позиција и отказот што ќе му биде врачен на Ерик тен Хаг.

Се вчитува...