Новиот „бисер“ дебитираше за Црвена Звезда, Смит шутна 11 тројки на првиот меч за Партизан

Црвена Звезда славеше во АБА-лигата над Игокеа со убедливи 80-48, меч што ќе остане запаметен како деби на суперталентираниот Никола Топиќ во црвено-белиот дрес. Новиот „бисер“ на “црвено-белите“ пред неколку дена беше вратен во клубот по успешната позајмица во Мега, а тренерот Сферопулос на вечерашниот дуел му даде шанса на Топиќ да покаже што знае и умее во дресот на вицешампионот на АБА-лигата.

Младиот плејмејкер се покажа во одлично светло, одигра беспрекорно пред се во првото полувреме и јасно стави до знаење дека ќе биде од голема помош за овој тим сезонава. Резултатот беше очекуван, „црвено-белите“ доминираа од почеток до крај и триумфираа со убедливи „плус 32“, а Топиќ го заврши натпреварот со осум поени и пет асистенции (сите осум поени постигнати во првиот дел). Најефикасни во таборот на Црвена Звезда во овој убедлив триумф беа Тоби со 13 и Давидовац со 10 поени, а капитенот Лазиќ беше единствениот од 12-те домашни кошаркари кој не успеа да се запише меѓу срелците.

Партизан рутински славеше на гостувањето во Бар против Морнар со убедливи 76-98, меч на кој Обрадовиќ го ротираше тимот и им даде заслужен одмор на дел од клучните кошаркари на „црно-белите“. Најефикасен во победничкиот тим беше Анѓушиќ со 17 поени, а треба да се истакне дека за Партизан дебитираше најновото засилување Џејлен Смит. Американецот со хрватски пасош одигра нецели 19 минути, период во кој шутна дури 11 тројки (3/11), завршувајќи го натпреварот со 11 поени и 6 асистенции.

Се вчитува...