Јувентус останува главен ривал на Интер во трката за скудетото откако „старата дама“ славеше со 1-0 на големото дерби против Рома, намалувајќи ја негативата во однос на лидерот на табелата на само два бода. Со тоа, тимот на Алегри стави победничи печат на оваа 2023, година за заборав на „црно-белите“ од Торино кои беа бодовно казнети, а потоа и добија суспензија за да не можат да настапат сезонава во европските натпреварувања.
Алегри го искористи тоа за максимално да го подготви својот тим за предизвиците во Калчо-лигата, успевајќи да забележи уште еден дерби триумф. Јуве беше подобар противник и во првото полувреме, но Рома се спаси кога Ндика реагираше пред самата гол-линија по ударот на Костиќ кој одеше кон мрежата.
Римјаните сепак беа немоќни по само две минути игра во вториот дел, кога Рабио одлично втрча избегнувајќи офсајд-замка, потоа мајсторски стрелајќи крај голманот во мрежата на „волчицата“. Очекувано, Јувентус потоа умешно се затвори, приоритет за домаќините беше да се сочува минималната предност, нешто во што „црно-белите“ успеаја иако имаа и одлична шанса за втор гол, но гостинскиот голман го запре ударот на Мекени во 84. минута.
Мурињо ги имаше на располагање Дибала и Лукаку, но двајцата најопасни фудбалери на Рома вечерва не се видоа крај одличните дефанзивци на Јувентус, за заслужена победа на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА