Кире Лазаров ги остави зад себе славните ракометни денови како играч и зачекори по нов пат, оној тренерскиот, како предводник на новиот проект наречен РК Алкалоид. Само една година беше доволна за да се остварат одлични резултати, во дебитантската сезона да се забележат две победи над доскорешниот првак Вардар и што е уште поважно – Алкалоид да обезбеди пласман директно во групната фаза од Европската лига на ЕХФ.
Лазаров во ова интервју говори на најразлични теми поврзани со неговата прва сезона во клупскиот ракомет, задоволството од оствареното, но и очекувањата од иднината која сигурно ќе носи уште поголеми предизвици за македонскта ракометна легенда.
„На оваа прва прес-конференција на промоцијата на клубот, не ја познавав доволно лигата и не можев да дадам конкретна прогноза на стартот на сезонава. Сепак, бев претпазлив поради фактот дека нашите конкурентии имаа огромен број на странци но и квалитетни домашни играчи. Знаете дека РК Алкалоид е составен само од македонски играчи, претежно млади и неискусни, но тоа што ја красеше нашата екипа беше одличниот ангажман. Имавме повеќе од успешна сезона, работевме напорно и квалитетно од почеток до крај, а формата ни се движеше во нагорна линија како што минуваше времето“, го почнува Лазаров разговорот за ЕКИПА.
Ако треба нешто да издвои како позитивно, тренерот на Алкалоид го потенцира одличниот тимски дух што го создаде за кратко време.
„Она на што сум најгорд по оваа прва сезона е силината на колективот што го создадовме во Алкалоид. Добата хемија меѓу играчите и стручниот штаб знаеше да ја прекрие младоста и неискуството на голем дел од нашите млади играчи. Во текот на летово ќе направиме добра анализира и ќе видиме во кој дел од ракометната игра можеме да напредуваме. Верувам дека секогаш треба да се биде гладен за победи, но и за напредок во играта, како на индивидуален така и на колективен план“.
Она што Лазаров настојува да ги научи своите млади играчи е дека во спортот не може да дојде до успех без жртвување…
„Мој став е дека се во животот е навика, па така е и во спортот. Една од најважните работи за постигнување успех е да се има дисциплина, а ние имавме дисциплина и желба за тренинг кај 99% од играчите. Секој требер би посакал да има ваков тим што е подготвен да тренира и по 24 часа на ден ако се побара од нив. Мислам дека и нашите играчи се задоволни од она што им го нудиме како клуб и стручен штаб. За да се постигне нешто во животот и во кариерата треба да се биде жртва, нашите играчи покажаа дека се подготвени за такво нешто во сезоната што измина. Само со квалитетна и константна работа може да се очекува напредок и успех. Секако, мора да се покаже и трпение бидејќи пред нас се уште многу големи искушенија.
Алкалоид оваа одлична деби-сезона ќе ја памети по двете победи над Вардар, особено изненадувачка беше онаа првата со која ги замрсија сметките на „вардарци“ за трката за титулата.
„Не постоеше специјална подготовка за тој меч, ние за секој дуел се спремаме исто, со огромна почит кон секој противник. Вардар е одличен тим со голема традиција и секогаш ќе го има огромниот респект од нашата страна како поранешен европски првак. Можам да кажам дека е многу полесно да играш такви натпревари кога си аутсајдер бидејќи немаш што да загубиш, а од друга страна можеш да добиеш многу, како во нашиот случај. Сметам дека тој меч го реши нашата поголема мотивираност и желбата за победа“.
Тој има само пофални зборови за новиот шампион на Македонија, РК Еурофарм Пелистер и пред се за ракометна Битола.
„Пелистер веќе подолго време се бореше да стане шампион на Македонија, можам да кажам дека Битола е ракометен град и заслужи да се радува на големиот трофеј. Му посакувам на Пелистер успешна сезона во Лигата на Шампионите, имаат одлична публика, ќе состават добар тим и мислам дека можат да приредат пријатно изненадување во елитното европско натпреварување“, вели Лазаров.
Она што пријатно ги изненади сите, па и самиот селектор на Македонија, е возбудливото плејоф натпреварување исполнето со интересни и неизвесно натпревари. Сепак, Лазаров смета дека една работа во играта на македонските суперлигаши мора што поскоро да се промени.
„Плејофот беше големо освежување за нашата лига. Изобилуваше со се, неизвесност, ривалства, полни сали… сето тоа е само плус за македонскиот шампионат. Единствено ме загрижува темпото на игра на голем број екипи во македонското првенство, треба да знаеме дека со ваков ритам на натпревар нашите екипи во Европа не можат да бидат рамноправни со нивните противници. Се игра доста бавно и стерилно,мораме да работиме сите за да се промени овој тренд и сите домашни тимови заедно со тренерите да ја убрзаат играта.
Лазаров го даде своето мислење и за акутелната тема, дали е потребно да дојде до намалување на бројот на екипи во лигата за да се добие на квалитет наместо на квантитет.
„За мене нема дилема, повеќе квалитетни и неизвесни натпревари ќе донесат дополнителен квалитет кај нашите тимови, но и кај самите ракометари“, смета македонскиот селектор.
РК Алкалоид беше нов суперлигаш, но речиси редовно ги полнеше салите, а на дел од натпреварите имаше и непријателска атмосфера кон овој клуб. Сепак, за Лазаров тоа е само потврда дека добро се работи и мотив за уште подобри резултати.
„Самиот факт дека секаде каде што игравме салите беа полни сам по себе покажува дека сме интересни како тим за гледање, дека имаме вредност. Имаше и критики, некогаш и навреди, но тоа воопшто не ми пречи, напротив, само ме мотивира. Ја разбирам и почитувам публиката на противникот, си го сака својто клуб и го бодри на секој можен начин да стигне до победа. Уживам да водам натпревар во полна сала, особено на гостински терен“.
Тој јасно става до знаење дека РК Алкалоид останува доследен на целта на создавање на млади и квалитетни македонски ракометари, учејќи од грешките на Вардар и на Кометал ЃП, кои остварија огромен успех, но со исклучително висок процент на странски ракометари во своите редови.
„Да бидам искрен, малку сме затечени како клуб со новонастанатата ситуација бидејќи Лигата на Европа и групната фаза се голем предизвик за на. Затоа, побарав од клубот да ни овозможи во подготовките да одиграме што поквалитетни пријателски натпревари за да увидиме на кое ниво се наоѓаме, да не се изненадиме на лице место во Европа. Идејата останува иста – создаваме македонски ракометари и нема лесно да отстапиме од неа. Увидовме преку проекти како Вардар и Кометал, поранешни европски шампиони како клубот се сакаше само кога имаше богати финансии. Кога снема пари, клубовите паднаа преку ноќ и со тоа исчезна и љубовта на голем број од големите странски ѕвезди што настапуваа за овие тимови. Ние во РК Алкалоид со странец би покриле позиција во тимот каде што во моментов немаме домашен играч што може да одговори на она што го бараме, особено ако се знае дека ќе играме на три фронта (домашно првенство, СЕХА и Европа), но приоритет ни остануваат македонските играчи и нивниот развој.
Доскорешниот шампион Вардар непријатно изненади со освоеното трето место сезонава, но Лазаров со респект гледа на овој клуб и не се сомнева дека „вардарци“ повторно ќе имаат високи амбиции
„Вардар е голем клуб со богата традиција. Сезонава ја завршија на третото место, но очекувам и следната година да гледаме силен и мотивиран Вардар што ќе се бори за највисок пласман“.
Што се однесува до Пелистер, македонскиот селектор очекува битолчани да се прикажат во добро светло во ЛШ, особено на натпреварите на домашен терен.
„Не се сомневам дека Еурофарм Пелистер ќе биде тврд орев за сите противници, особено н натпреварите што ќе ги игра на домашен терен. Имаат одличен тандем на тренери во Јовиќ и Шундовски, двајца стратези кои имаат искуство и добро си ја знаат работата. Секоја победа на Еурофарм Пелистер ќе биде голем плус за клубот, но и целокупно гледано за ракометот во Македонија“.
За крај, тренерот на РК Алкалоид проговори и за амбициите на својот клуб во новата сезона, предупредувајќи ги ракометарите дека ги очекуваат уште потешки предизвици отколку во изминатите месеци.
„Свесен сум дека ќе имаме уште потешка сезона од претходната, нашите спортски противници се засилија и ќе бидат уште поквалитетни. Она што е многу важно – нашите ракометари не смеат во ниту еден случај да се задоволат со она што го направивме сезонава, би биле во големи проблеми доколку тоа се случи. Како клуб треба да растеме постепено со квалитетна стратегија, мислам дека тоа и го правиме“, порачува за крај Кире Лазаров.
ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН НА 06.06.2023
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА