2024 ќе биде година на трансфери: Елмас повлече нога, кој ќе биде следен?

Годината што изминува не беше премногу успешна кога станува збор за индивидуалните бројки на нашите фудбалски репрезентативци, откако само мал дел од нив беа стандардни во своите клубови и во топ-ритам ги дочекуваа натпреварите на националниот. Според она што е јасно во моментов, 2024 ќе биде година на трансфери на нашите интернационалци, кои се во потрага по тимови каде ќе имаат позначајни улоги.

Елиф Елмас е првиот што повлече нога „дијамантот“ пред седум месеци освои скудето со Наполи, но малата минутажа што ја имаше кај Гарсија, а потоа и кај Мацари го примора Елиф за нов предизвик во кариерата. Бундес-лигата е негова следна дестинација, откако Елмас уште пред неколку дена го комплетираше трансферот во редовите на Лајпциг.

Кој ќе го следи Елмас со нов клуб во 2024 година, конкуренцијата е навистина силна. Најавите од Турција велат дека Енис Барди исто така е блиску до Бундес-лигата, откако Трабзон почнал преговори за да го продаде нашиот капитен во Унион Берлин.

Дарко Чурлинов дефинитивно ќе си замине од Барнли во јануари, негова желба е Шалке, но финансиските проблеми на „сино-белите“ го компликуваат овој трансфер. Многу е веројатно дека Чурлинов ќе се врати назад во Германија, каде Сент Паули и Фортуна Дизелдорф се во трка за неговиот потпис.

Бојан Миовски има извонредна сезона во дресот на Абердин, што е причина Македонецот повторно да е актуелен на фудбалската берза. Селтик покажува сериозен интерес, исто како и клубови од англискиот Чемпионшип, но засега проблем е отштетата од шест милиони фунти на која инсистира Абердин.

Во 2024 година трансфер ќе направи и првиот голман на репрезентацијата, Столе Димитриевски. Тој е стандарден во Рајо Валјекано, но договорот му истекува на крајот на сезонава, а Димитриевски има неколку одлични понуди на маса и веќе е извесно дека ќе го напушти мадридскиот прволигаш. Валенсија и Вилјареал се клубовите кои во моментов се најзагреани за потписот на Македонецот.

Време е за трансфер и на Дарко Велковски, кој е без клуб откако на стартот од сезонава се раздели од Ал Етифак, додека од друга страна Џани Алиоски најави дека е подготвен да остане во Ал Ахли иако клубот од Саудиска Арабија воопшто не го регистрираше поради преголемиот број на странци во екипата.

Нови клубови се очекува да добијат и репрезентативниот напаѓач Милан Ристовски, кој заминува од Спартак Трнава, како и Стефан Ашковски и Дамјан Шишковски кои се пред трансфер во Динамо Батуми односно ерменски Арарат.

Левокрилниот дефанзивец Езгијан Алиоски, и покрај претходните најави за нов клуб, се очекува да остане во Саудиска Арабија и престојнава година.

Се вчитува...